„Apple“ официјално потврди дека на 9 септември ќе го одржи својот традиционален септемвриски настан во кампусот „Apple Park“ во Купертино. Како и претходните години, најголемо внимание предизвикува новиот „iPhone“ – се очекува претставување на моделот „iPhone 17“, но и на новата генерација „Apple Watch“, како и уште неколку уреди.
Поканата за медиумите пристигна со мотото „Awe dropping“, а иако „Apple“ ретко открива детали однапред, традицијата на септемвриското лансирање на „iPhone“ трае уште од 2012 година.
Новиот „iPhone 17 Air“
Новитетот е „iPhone 17 Air“, кој наводно ќе го замени досегашниот „iPhone 16 Plus“. Станува збор за потенок модел со една задна камера, првиот модем произведен внатре во компанијата, помала батерија и без слот за физичка SIM-картичка. Стандардниот „iPhone 17“ ќе личи на „iPhone 16“, додека „iPhone 17 Pro“ и „Pro Max“ ќе добијат редизајниран заден модул за камери, наведуваат инсајдери.
Оваа година очекувањата се уште поголеми бидејќи „Apple“ заостанува во трката на пазарот на вештачка интелигенција. Компанијата го одложи големото ажурирање на дигиталниот асистент „Siri“, кое требаше да ја доближи до „ChatGPT“ на „OpenAI“ и „Gemini“ на „Google“. И покрај тоа, резултатите за јули покажаа силна продажба на „iPhone“, што донесе оптимизам кај инвеститорите.
Првиот преклопен „iPhone“
„Bloomberg“ пишува дека „Apple“ оваа година се потпира на потенки мобилни телефони за да ги привлече корисниците. Подготвува модел кој би можел да биде „MacBook Air меѓу iPhone-ите“ – значително потенок и поелегантен, но можеби со компромиси во траењето на батеријата или квалитетот на камерата.
Според Марк Гурман од „Bloomberg“, „Apple“ во следните три години ќе направи неколку клучни промени во дизајнот на своите мобилни уреди, почнувајќи со „iPhone 17 Air“, чија премиера се очекува следниот месец.
Во 2026 година компанијата ќе го претстави својот прв преклопен „iPhone“, кој моментално го носи кодното име V68. Уредот треба да има четири камери – две на задната страна, една на надворешниот екран и една во внатрешноста на преклопливиот дисплеј. Прототиповите се тестираат во црна и бела варијанта, а уредот ќе користи сопствен „C2“ модем. За внатрешниот екран се развива „in-cell touch panel“ технологија која треба да ја намали видливоста на преклопот и да ја подобри прецизноста на допирот.
Минатата година „Apple“ го промовираше „iPhone 16“ како уред „изграден за Apple Intelligence“, а се очекува и годинава компанијата да ја нагласува оваа поврзаност со "AI" , додека конкуренцијата од „Google“ и другите брзо напредува со своите решенија.
Купувачките навики и пазарот
Податоците на „Consumer Intelligence Research Partners“ покажуваат дека повеќето потрошувачи денес ги надградуваат телефоните само кога е неопходно, а не поради новитети. Дизајнот на „iPhone“ со години не се менува значајно, додека конкуренти како „Samsung“ и „Huawei“ веќе претставија преклопни модели.
Обидите на „Apple“ да ги привлече купувачите со различни големини не донесоа поголем успех. Мини верзијата беше повлечена по две генерации, а „iPhone 16 Plus“ до јули 2024 сочинуваше само пет до десет проценти од испораките, тврди познатиот аналитичар Минг-Чи Куо, кој предвидува и повлекување на моделот "Plus" оваа година.
Со потенкиот модел, „Apple“ ќе ја претстави и стандардната верзија на „iPhone 17“, како и новите варијанти на Pro-моделите. Стандардните обично добиваат нов процесор, подобрени камери и батерија, додека Pro-уредите носат напредни камери, поголем екран, посилни чипови и титаниумско куќиште.
Царини, производство и геополитика
Настанот на „Apple“ се одвива и во сенка на американската трговска политика. Извршниот директор Тим Кук во јули изјави пред аналитичарите дека компанијата очекува околу 1,1 милијарда долари трошоци поврзани со царини во третиот квартал. За да ја намали зависноста од Кина, „Apple“ најголем дел од производството на „iPhone“ за американскиот пазар веќе го префрли во Индија. Иако царините за најголем дел од индиската стока наскоро ќе се зголемат на 50%, паметните телефони остануваат изземени.
Претседателот Доналд Трамп, пак, јасно даде до знаење дека „Apple“ нема да биде погоден од најавените царини од 100% за полупроводници, нагласувајќи дека погодностите важат за компании што инвестираат во американско производство. Оваа компанија претходно овој месец најави инвестиција од 600 милијарди долари за проширување на бизнисот во САД, вклучувајќи и создавање домашен синџир на снабдување со чипови.