„Nvidia“ влезе во повисока брзина и го претстави "AI" модулот за кој тврди дека ќе ги трансформира хуманоидните роботи на сосема ново ниво на интеракција со луѓето.
Станува збор за модулот „Jetson Thor“, наследник на „Jetson Orin“, со досега невидена ефикасност и можности. Потпомогнат од графичките процесори „Blackwell“ (GPU), овој систем носи повеќе од седум пати поголема пресметковна моќ за вештачка интелигенција, двојно повеќе меморија и повеќе од трипати поголема брзина и ефикасност.
Овие скокови во можностите им овозможуваат на хуманоидните роботи да обработуваат сензорски податоци, да имаат подобрено визуелно заклучување и моментална интеракција со луѓето и околината. Како што наведуваат од „Nvidia“, „Jetson Thor“ решава еден од најголемите предизвици во роботиката – да ги оживее роботите така што ќе можат да имаат интелигентни интеракции во реално време со луѓето и со физичкиот свет.
Веќе во широка примена
Според порталот „Gizmodo“, институции како Универзитетот во Цирих и „Stanford“ веќе го интегрираа „Jetson Thor“ во лаборатории и експериментални роботи. Од корпоративната страна, меѓу првите корисници се „Amazon“, „Meta“, „Caterpillar“ и „Agility Robotics“. Американскиот производител на земјоделска механизација „John Deere“ и „OpenAI“ исто така ги истражуваат можностите за примена на овој модул, особено во автоматизација и развој на роботика.
Развојниот комплет „Jetson AGX Thor“, кој вклучува модул „Jetson T5000“, матична плоча, систем за ладење и напојување, чини 3240 евра и е достапен на официјалната страница на „Nvidia“. Пакетот „Drive AGX Thor“ за автономни возила веќе е во преднарачка, а испораките се планирани за септември.
Растечката визија на „Nvidia“
Извршниот директор на компанијата, Џенсен Хуанг, предвидува дека оваа деценија ќе ја одбележат роботиката, автономните возила и машините управувани од вештачка интелигенција. Потсетуваме, „Nvidia“ порано оваа година го претстави и „Cosmos“ – пакет AI модели за обука на хуманоидни роботи.