Израелскиот актер Алон Аботбул, познат по улогите во светски филмски хитови како „Подемот на мрачниот витез“ (The Dark Knight Rises) и „Падот на Лондон“ (London Has Fallen), почина на 60-годишна возраст.
Телото на актерот било пронајдено на плажата ХаБоним во Тел Авив во вторникот утрото, откако се срушил ненадејно. Според израелските медиуми, обидите за реанимација на самото место биле неуспешни, објави „Дедлајн“.
Аботбул важеше за еден од најплодните актери на израелската сцена, а зад себе остави богата кариера со над 100 филмски и телевизиски наслови. Роден на 28 мај 1965 година во Киријат Ата, првпат се прослави со улогата во израелскиот воен филм „Два прста од Сидон“ (Two Fingers from Sidon), прикажан на Канскиот филмски фестивал во 1986 година. Само две години подоцна се појави и во „Рамбо 3“ (Rambo III), а потоа следеа бројни ангажмани во Холивуд.
Во 2008 година, режисерот Ридли Скот го ангажираше во шпионскиот трилер „Тело од лаги“ (Body of Lies), каде што глумеше покрај Леонардо Дикаприо и Расел Кроу. Во 2012 година се појави во улогата на руски нуклеарен физичар д-р Павел во финалето на трилогијата за Бетмен на Кристофер Нолан – „Подемот на мрачниот витез“. Во 2016 година толкуваше една од главните улоги во акциониот трилер „Падот на Лондон“, каде што го играше терористичкиот водач Амир Баркави.
Покрај филмот, Аботбул беше активен и на телевизиската сцена. Се појави во 25 епизоди од американската серија „Снежна бура“ (Snowfall), како и во култната серија „Твин Пикс“ (Twin Peaks) од 2017 година.
Министерот за култура и спорт на Израел, Мики Зохар, изрази жалење поради загубата: „Длабоко ме потресе веста за ненадејната смрт на актерот. Со годините, тој толкуваше широк спектар на ликови, внесувајќи длабочина и емоција, оставајќи трајна трага во израелската култура“.
Алон Аботбул зад себе ја остави сопругата Шир Билија и нивните четири деца.