Истражувањето откри: Употребата на Чет Џи-пи-ти е поврзана со пад на когнитивните способности

Точка

21/06/2025

17:11

395

Големина на фонт

а а а

Истражувачите од Технолошкиот институт во Масачусетс (MIT) го проучувале влијанието на Чет Џи-пи-ти врз човечкиот мозок и откриле дека користењето на оваа алатка е поврзано со пад на когнитивните способности.

Имено научниците ги поделиле луѓето во три групи и побарале од нив да пишуваат есеи за време на четиримесечна студија. Едната група се потпирала на Чет Џи-ти-ти, другата на пребарувачи, а третата воопшто немала можност да користи надворешни ресурси.


За време на пишувањето на есеите, нивните мозоци биле скенирани со помош на електроенцефалограм, метод за снимање на мозочната активност, при што било утврдено дека првата група, која се потпирала на Чет Џи-пи-ти, имала најниска невронска активација во деловите од мозокот и дека им било најтешко да се сетат и да го препознаат својот текст.

„Во текот на четири месеци, корисниците на Чет Џи-пи-ти постојано постигнуваа лоши резултати на невронско, лингвистичко и бихевиорално ниво“, пишува во студијата, а пренесе „Independent“.


Овие резултати предизвикаа загриженост дека кај честите корисници на оваа алатка може да дојде до пад на когнитивните способности.

„Резултатите предизвикуваат загриженост за долгорочните образовни импликации од потпирањето на „ChatGPT“ и ја истакнуваат потребата од понатамошни истражувања за улогата на вештачката интелигенција во учењето“, се вели во студијата.

Исто така научниците спровеле и втора рунда истражување во рамки на која побарале од групите да напишат есеј без никаква помош. На групата што претходно користела Чет Џи-пи-ти, овој пат тоа не ѝ било дозволено, и постигнала најлоши резултати, додека нивното пишување било оценето како „пристрасно и површно“.


Водечката авторка на студијата, Наталија Космина, рече дека иако Чет Џи-пи-ти е „ефикасен и практичен“, оние што го користат за пишување есеи не интегрираат ништо од него во својата меморија. Таа истакна дека е особено загрижена за потенцијалното влијание на Чет Џи-пи-ти врз децата чии мозоци сè уште се развиваат.