Брзиот развој на вештачката интелигенција – ќе биде и причина за нејзиниот „крах“?

Точка

23/06/2025

15:31

339

Големина на фонт

а а а

Научниците ја споредуваат ситуацијата со податоците и вештачката интелигенција со светот пред и по атомската бомба.

Брзиот напредок и популаризацијата на алатките базирани на вештачка интелигенција (AI) веќе поставија значаен предизвик пред компаниите што ги развиваат. Кога ќе снема квалитетни податоци врз основа на кои се тренираат големите јазични модели и другите форми на "AI" – што потоа?

Многу компании почнаа да создаваат „синтетички податоци“, односно податоци што ги генерираат самите AI-системи, со цел на нив да тренираат нови AI-модели.

Сепак, производството на синтетички податоци, заедно со огромната количина одговори што секојдневно ги генерираат "AI" алатките, доведе до проблематична ситуација. Интернетот е преплавен со бескорисни информации, што го загрозува понатамошниот развој на идните "AI" модели.


Во текст објавен од "The Register" се предупредува на можен „колапс на AI-моделите“, предизвикан од прекумерната употреба на податоци создадени од вештачка интелигенција, кои немаат иста вредност како оние создадени од луѓе. Според нив, податоците создадени пред појавата на "ChatGPT" и слични алатки добиваат особена вредност.

Ситуацијата се споредува со челикот произведен пред и по детонацијата на првите нуклеарни бомби во јули 1945 година. Тогаш во атмосферата беа ослободени радионуклиди што го загадиле челикот произведен потоа, па денес, за чувствителни научни и медицински тестови, се користи челик со низок процент на радионуклиди – најчесто од бродови потонати за време на Првата и Втората светска војна.

Пресликано на податоци – сè што е создадено пред 2022 година се смета за „чисто“, додека новите податоци – најчесто генерирани со помош на AI – се „загадени“.


Морис Чиодо, научен соработник во Центарот за проучување на егзистенцијалните ризици при Универзитетот Кембриџ и коавтор на труд од 2024 година, истакнува дека ако сакаме да го продолжиме развојот на вештачката интелигенција и да избегнеме колапс, неопходно е да се најде извор на „чисти податоци“. Тоа е клучно не само за корисноста на идните модели, туку и за да се обезбеди фер конкуренција меѓу развивачите. Во спротивно, пионерите во оваа технологија ќе имаат огромна предност, бидејќи користеле поквалитетни податоци во споредба со оние што денес се принудени да работат со синтетички извори.

Но, еднаш кога податоците ќе се „загадат“, нивното „чистење“ е речиси невозможно. Чиодо предлага дека би можеле да помогнат построги регулативи што би наложиле означување на податоците што се создадени со помош на AI. Сепак, индустријата на вештачка интелигенција ваквите предлози често ги доживува како ограничувања и закани по иновацијата.


Научниците како Чиодо предупредуваат дека натамошното „загадување“ на податоците ќе ја намали точноста и прецизноста на одговорите што AI ги дава на корисниците, што потенцијално може да го запре понатамошниот развој и да доведе до „ѕид“ кој технологијата нема да може да го помине.

Засега, никој не понуди конкретно решение како да се сопре ова загадување и да се обезбеди развој на вештачката интелигенција во правецот кој сите го посакуваат. Можеби токму "AI" ќе го даде одговорот на ова прашање?