Германскиот авто-клуб "ADAC" пресмета кој тип на погон е најисплатлив, споредувајќи ги трошоците на електрични автомобили, "plug-in" хибриди, бензинци и дизел автомобили.
Секојдневно на пазарот се појавуваат сè повеќе достапни електрични возила, а нивната цена – за разлика од возилата со внатрешно согорување – има тенденција на опаѓање. Но, каква е сликата кога ќе се земат предвид сите трошоци?
Според анализата на "ADAC", која ја пренесува "Jutarnji.hr", електричните автомобили сè уште не се најисплатливи.
Во април експертите од "ADAC" спроведоа обемна анализа на вкупните трошоци за возење, со цел да утврдат дали преминот кон електрични автомобили или "plug-in" хибриди финансиски се исплаќа.
Резултатите не се охрабрувачки за „зелените“ алтернативи. Кога се земат предвид сите фактори – почетна цена, оперативни трошоци, одржување и амортизација – бензинските и дизел возилата сè уште имаат предност, во зависност од конкретниот модел.
И покрај тоа што цените на новите електрични автомобили паѓаат, тие и натаму генерално се поскапи од возилата со мотори со внатрешно согорување, што негативно влијае на нивната амортизација и ги зголемува вкупните трошоци.
Дополнителен фактор е високата цена на полнење на јавни полначи, како и релативно ниските цени на бензинот и дизелот во моментов, што ги прави "SUS"-возилата (со внатрешно согорување) исплатливи на подолг рок.
Кај "SUS"-возилата, "ADAC" ги пресметал трошоците врз основа на просечните цени на горивата во последните три месеци. Кај електричните автомобили, трошоците за струја значително варираат според индивидуалната ситуација.
На пример, лице кое го полни автомобилот претежно дома, со сопствен соларен систем и динамична тарифа, има далеку пониски трошоци од некој што е целосно зависен од јавната мрежа за полнење – која моментално има високи цени.
Затоа "ADAC" изработи четири сценарија со различни цени на електрична енергија и ги спореди електричните, хибридните и "SUS"-возилата:
• 18 центи/kWh – полнење преку сопствен соларен систем (со претпоставка дека соларната енергија не е секогаш достапна),
• 35 центи/kWh – просечна домашна тарифа,
• 45 центи/kWh – комбинација од домашно и повремено јавно полнење,
• 60 центи/kWh – исклучиво јавно полнење.
При цена од 60 центи по киловат-час, електричните автомобили се целосно неконкурентни во однос на бензинските и дизел моделите.
Само кај 16% од анализираните модели, електричниот погон бил поевтин за возење.
Кај цена од 45 центи/kWh, тој процент расте на 22%, а при 35 центи – на 28%.
Дури и оние со најповолни услови за полнење (18 центи/kWh), во поголемиот дел од случаите плаќаат повеќе од возачите на бензинци или дизел автомобили. Дури и тогаш, електричните автомобили биле поисплатливи во само 36% од случаите.
Заклучокот на "ADAC": електричните возила ќе можат реално да се натпреваруваат со "SUS"-возилата дури кога дополнително ќе паднат цените и на електричната енергија и на самите "EV" модели.