Електричниот "Ferrari" сепак нема да пристигне годинава

Точка

12/05/2025

20:36

445

Големина на фонт

а а а

Првиот "EV" од Маранело се очекува дури во 2026 година.

"Ferrari" не убеди дека ќе го претстави својот прв електричен автомобил годинава – на 9 октомври, за време на настанот "Capital Markets Day". Така барем тврдеше извршниот директор Бенедето Виња на почетокот од февруари, кога компанијата ги објави финансиските резултати за 2024 година.

Сепак, Виња сега го „преформулираше“ своето ветување, најавувајќи дека моделот „elettrica“ ќе биде претставен во три фази.

Говорејќи за време на објавата на резултатите за првиот квартал од 2025, Виња на аналитичарите им откри дека најпрво ќе го видиме само „технолошкото срце“ на новиот модел. Не навлезе во детали, но се претпоставува дека мисли на погонскиот систем.

Втората фаза на претставување е закажана за почетокот на наредната година, кога "Ferrari" ќе го прикаже дизајнот и внатрешноста на возилото, додека официјалната светска премиера е закажана за пролетта 2026 година.

Искрено, сето ова звучи како одложување на премиерата, но Маранело тоа, секако, нема така да го прикаже – не би било во духот на брендот.

Неколку месеци по премиерата, "Ferrari" планира да започне со испорака на моделот "elettrica", при што првите примероци ќе стигнат кај купувачите во октомври 2026 година.

"E-building"

Првиот "Ferrari" без мотор со внатрешно согорување ќе се произведува во нова фабрика наречена „e-building“. И покрај името, во оваа хала ќе се склопуваат и бензински и хибридни модели.

Објектот зафаќа површина од над 42.500 квадратни метри и моментално вработува повеќе од 300 работници.

"Ferrari" останува крајно таинствен околу својот влез на пазарот на електрични возила. Сепак, директорот за маркетинг на производи, Емануеле Карандо, најавува дека возилото ќе има „автентичен“ звук – што и да значи тоа.

Виња нагласи и дека „електричните автомобили не се тивки“ и дека "EV" моделот на "Ferrari" ќе има свој „звучен потпис“.


Тест-прототип, базиран на каросерија од "Maserati Levante", веќе е забележан како испушта агресивни звуци – иако воопшто нема мотор со внатрешно согорување.

Еден неодамнешен патент дури открива и можност за симулирано менување на брзини, но сè уште не е познато дали оваа функција навистина ќе биде дел од серискиот модел. Многу патенти остануваат само на хартија.

Бидејќи "elettrica" нема да биде прикажана оваа година, таа нема ни да биде дел од шесте нови модели што "Ferrari" планира да ги претстави до крајот на 2026 година.

По априлската премиера на моделот "296 Speciale", се очекуваат наследниците на моделите "Roma" и "SF90", како и можна нова верзија на "SUV" моделот "Purosangue", или дури и нов "SP4' од ексклузивната серија "Icona".