[ФОТО] "Porsche" заборавено во шупа 14 години: Сега се продава за 30.000 евра!

Точка

09/05/2025

11:56

937

Големина на фонт

а а а

Легендарен автомобил стар 36 години, кој поминал 14 години во шупа, сега се продава за 29.000 евра.

Станува збор за моделот "Porsche 911 3.2 Carrera Sport coupé", кој сопственикот го паркирал во гаража уште во 2011 година, откако го купил во 2002. Неговиот 3,0-литарски мотор развива 231 коњска сила, со максимална брзина од над 240 km/h. Забрзува од 0 до 100 km/h за само 5,6 секунди.

Според евиденцијата, автомобилот поминал едвај 765 километри во текот на пет години пред да биде оставен. Сопственикот бил адвокат од Нортхемптоншир, Англија, кој ретко го возел, пишува "Luxury Auto News".


„Автомобилот што го претставуваме е "C16" модел од 1989 година – последната година на производство на 3.2 пред појавата на моделот 964“, стои во огласот на сајтот на аукциската куќа "Iconic Auctioneers".

"Carrera 3.2 Sport" е модел кој бил достапен исклучиво на британскиот пазар и фабрички доаѓал со црн преден спојлер, заден „whale tail“ спојлер, спортски седишта и "Bilstein Sport" амортизери.


Овој примерок бил дополнително порачан со покривен отвор и барана боја – сребрена металик. Првпат бил регистриран во мај 1989 и сменил пет сопственици пред актуелниот продавач да го купи во октомври 2002 година.

Шупата каде што бил чуван била топла и сува, што значи дека возилото е одлично сочувано. Каросеријата, бојата, теписите, облогите на покривот и фабричките детали изгледаат како оригинални. Со автомобилот доаѓаат и оригиналната дигалка и комплет алат.


Станува збор за вистински деликатес за сите љубители на "Porsche", со детали што ги ценат ентузијастите. За жал, сопственикот починал на почетокот на 2025 година, па семејството сега бара нов дом за овој автомобил.