„Најдобриот автомобил“ на своето време – "Mercedes-Benz 450 SEL 6.9" слави 50 години

Точка

10/05/2025

09:57

570

Големина на фонт

а а а

Најдоброто од S-класата од серијата "W116" оваа година го одбележува својот златен јубилеј. Оваа импресивна лимузина, опремена со осумцилиндричен мотор преземен од престижниот "Mercedes 600" (W100), со зголемена зафатнина, денес претставува баран класик кој нуди изобилство на моќ, комфор и елеганција.

Кога пред 50 години беше претставен, овој престижен модел ги воодушеви и експертската јавност и купувачите. Поседувањето на „шест-точка-деветка“ значеше статус во општеството и софистицираност на патиштата. Не е ни чудо што многу шампиони од Формула 1 токму овој модел го избраа како свое приватно возило.

„450 SEL 6.9 е врвната верзија на тогашната S-класа и секогаш беше многу баран. Тоа не се променило ни по 50 години – трендовите на пазарот со класични автомобили го потврдуваат тоа. Според "Classic Data", вредностите лесно надминуваат 80.000 евра во огласите. Исклучителни примероци може лесно да достигнат и повеќе од 90.000 евра“, вели Патрик Готвик од одделот за наследство на "Mercedes-Benz".


Серијата 116 е првата генерација на деловни лимузини на "Mercedes" што го носи името S-класа. Претставена во септември 1972 година, оваа серија освои бројни награди, вклучувајќи ја и титулата „Автомобил на годината“ во 1974 за моделот "450 SE". Во мај 1975, моделот "450 SEL 6.9" ја заокружува понудата како врв на гамата.

Медиумите беа воодушевени, со наслови како „Најдобриот автомобил на светот“ и „Најбрзата лимузина на светот“. Со максимална брзина од 225 км/ч, „шест-точка-девет“ беше еден од најбрзите автомобили на патиштата во 1970-тите, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч за само 7,4 секунди беше споредливо со тогашните спортски автомобили.


"450 SEL 6.9" се одликуваше со исклучително богата стандардна опрема: клима-уред, централно заклучување, темпомат, електрични прозорци, систем за миење фарови, велурски седишта и инерцијални безбедносни појаси на сите седишта – карактеристики кои во 1975 година не беа вообичаени дури ни кај повисоки класи. Основната цена според ценовникот број 16 од 28 јануари 1976 изнесувала 69.930 германски марки – повеќе од двојно од моделот 280 SEL.

Осумцилиндричниот мотор е базиран на "V8" агрегатот од легендарниот "Mercedes-Benz 600" (W100). Дијаметарот на цилиндрите е зголемен од 103 на 107 милиметри, со задржан иста должина на одот, што резултира со зафатнина од 6.834 кубни сантиметри. Овој мотор "M100" развива 210 kW (286 коњски сили) при 4.250 вртежи во минута и максимален вртежен момент од 550 Nm при 3.000 вртежи во минута.

Меѓу февруари 1975 и септември 1980 година беа произведени точно 7.380 примероци од моделот "450 SEL 6.9".