Во февруари официјално беше најавено враќањето на "Yugo", со планови за производство на мал хечбек – модерна интерпретација на автомобилот кој речиси три децении се произведуваше во „Застава“ во Крагуевац.
Досега беа достапни само дизајнерски скици потпишани од Дарко Марчета, но сега конечно имаме можност да видиме како новото "Yugo" ќе изгледа во реалноста – барем во форма на макета.
На настанот „Car Design Event 2025“ во Минхен беше претставена првата макета на концепт-автомобилот.
Станува збор за модел во размер 1:5, кој според Марчета се развивал изминатите четири месеци и не ја претставува финалната верзија на дизајнот на идниот автомобил.
Концептот сè уште нема официјално име, но изгледа одлично. Со две врати, компактни димензии, „коцкеста“ силуета и минималистички линии, дизајнот потсетува на оригиналниот "Yugo", но со современи детали какви што се очекуваат од автомобил од 2025 година.
Макетата привлече големо внимание од посетителите на настанот во Минхен и наиде на позитивни реакции – што е дополнителна мотивација за понатамошниот развој на новиот "Yugo".
Како и првичната идејна скица прикажана во февруари, и оваа макета е дело на српскиот дизајнер Дарко Марчета, под покровителство на новиот сопственик на компанијата, професорот д-р Александар Бјелиќ.
За британскиот "Car Magazine", тие изјавиле дека концептот „не е само омаж на минатото, туку ја истакнува пристапноста и спортскиот дух на новиот модел“.
Ако новото "Yugo" навистина влезе во сериско производство – што компанијата планира да го оствари во следните две години – ќе се натпреварува на европскиот пазар на мали хечбек автомобили, во сегмент со модели како "Citroen C3", "Renault Clio" и "Volkswagen Polo".
Сепак, речиси е сигурно дека брендот "Yugo" нема повторно да се појави на американскиот пазар, каде што во втората половина на осумдесеттите години постигна солиден комерцијален успех.
Кога станува збор за модерната верзија на автомобилот, најавени се варијанти со атмосферски и турбо-бензински мотори, додека и електричен погон е во сериозно разгледување.
Купувачите ќе можат да избираат меѓу мануелен и автоматски менувач, а компанијата најави и спортска верзија, за која можеби ќе дознаеме повеќе подоцна оваа година.
Сепак, до функционален прототип на новиот "Yugo" ќе треба да се почека. Компанијата планира да го претстави токму на специјализираната изложба "Expo 2027" во Белград – кога би требало и официјално да започне производството.