Го прашала „Chat GPT“ да ѝ гледа на кафе – Откако добила одговор, го исфрлила мажот од куќата и побарала развод

Точка

26/04/2025

11:43

1.113

Големина на фонт

а а а

Несекојдневен случај доаѓа од Грција, каде што жена поднела барање за развод, и тоа по одговорот што го добила од вештачката интелигенција.

Имено таа го убедила својот сопруг да ги фотографираат шолјите откако испиле кафе, а потоа да остават „ChatGPT“ да ја протолкува нивната „содржина“, во стилот на врачар. Но, она што се случило потоа ја поделило локалната јавност.

Сопружниците се во брак 12 години, имаат две деца, а нивната безопасна игра – дигитална верзија на „гледање на кафе“ – се претворила во вистинска драма.


Сопругот тврди дека сакал да ѝ угоди на сопругата, па затоа не се противел на идејата.

„Таа направи кафе со намера на крајот да ги фотографираме шолјите и да го праша „ChatGPT“ што гледа. Не сакав да ѝ ја расипам забавата, па се согласив“, рекол тој.

Меѓутоа, одговорот на вештачката интелигенција предизвикал вистинска бура. Вештачката интелигенција „протолкувала“ дека мажот наводно размислува за млада девојка, чие име почнува на буквата „Е“, со која наскоро ќе „започне врска“.


Сопругот тврди дека сопругата, без дополнителни проверки или разговори, а врз основа на одговорите на „ChatGPT,“ донела одлука да го избрка од куќата и да покрене постапка за развод.

„Мислев дека е бесмислена глупост и само се насмеав. Но, таа го сфати тоа како неоспорна вистина. Ме замоли да ја напуштам куќата и им кажа на децата дека се разведуваме. Ѝ дадов простор да се смири, но потоа адвокатот ме контактираше со барање за спогодбен развод“, рече тој.

Откако одбил спогодбен развод, три дена подоцна добил официјално известување за тужба за развод, пренесува „ProtoThema“.

Вештачката интелигенција како доказ на суд?

Во изјава за медиумите, сопругот тврдел дека сопругата претходно се потпирала на „алтернативни методи“ за донесување важни одлуки.

„Еднаш му поверува на астролог и ѝ требаше една година за да сфати дека она што ѕвездите наводно ѝ го кажала не е вистина“.

Неговиот адвокат истакнал дека ја разгледуваат можноста за поднесување барање за одземање на старателството врз децата.


„Апсурдно е вештачката интелигенција да се користи како доказ на суд. Мојот клиент е невин додека не се докаже спротивното. Изгледа сопругата се сомневала во неверство но, очигледно ѝ недостасувала потврда – а потоа нашла „доказ“ во одговорот на вештачката интелигенција“, изјавил адвокатот.

Адвокатот се прашува како некој со деца може „да му верува на таков извор на информации и да го уништи семејството“.

„Овој случај отвора бројни етички и правни прашања, меѓу кои е и прашањето за границите на употребата на вештачката интелигенција во приватниот живот, но и влијанието што технологијата може да го има врз менталното здравје и семејните односи“, додал тој.

Додека се загрева правната битка, јавноста во Грција е поделена – помеѓу шок, потсмев и сериозна загриженост за моќта (и ограничувањата) на „дигиталните совети“.