Марија Елена Бергољо, сестрата на папата Франциско, проговори за италијанскиот весник Република за својот 13 години постар брат – човекот кој, како што вели, секогаш ја штител и се грижел за неа.
Интервјуто е направено во нејзиниот дом, малку надвор од Буенос Аирес, каде што живее скромно и повлечено.
„Хорхе Марио (папата Франциско) ми беше не само брат, туку и заштитник – човек кој играше фудбал, одеше на собири на 'Католичка акција' и студираше. Навистина не се сеќавам некогаш да ги налутил нашите родители“, изјави Марија Елена.
Родена на 7 февруари 1948 година, таа е најмладата од шесте деца во семејството Бергољо. Денес, по смртта на нејзините браќа и сестри – меѓу кои и папата Франциско, кој почина вчера – таа е последниот жив член од нивното најблиско семејство.
Иако папата долги години живееше во Ватикан, Марија Елена никогаш не допатува во Италија за да го види. Причината е нејзината здравствена состојба – претрпела тежок мозочен удар по кој долги години се борела со последици што ја оневозможиле да патува.
„Сакав да одам. Но не можев. Мојот брат тоа го разбираше и никогаш не ми го замери“, вели таа.
Нивниот татко починал кога таа имала само 11 години. Тогаш Хорхе Марио ѝ станал татковска фигура.
„Бев многу приврзана за него. Секогаш беше тука кога ми требаше“, додава таа.
И кога се разведувала од сопругот, тој ја поддржал.
„Иако беше длабоко верен католик, никогаш не ме осуди. Ми помогна во тој тежок период, како вистински брат“, раскажува Марија Елена.
По мозочниот удар, тој ѝ се јавувал секој ден додека не закрепне. И покрај неговите огромни обврски како поглавар на Римокатоличката црква, тие останале во редовен контакт – иако телефонските повици со време станале поретки.