Дубаи, градот познат по екстравагантноста, луксузот и рекордите, повторно ги помести границите на можното. Најновиот додаток на неговата импресивна панорама – „Ciel Dubai Marina“ – е највисокиот хотел во светот, со висина од 365 метри и дури илјада соби.
Иако би можело да се претпостави дека во Дубаи проектите се развиваат без ограничувања, архитектот Јахја Јан, претседател и директор за дизајн на архитектонската фирма Нор, го тврди спротивното.
„Мислам дека тоа е мит. Регулативите во Дубаи се крајно ригорозни. Сè е засновано на бројки – растојанија од рабовите на парцелите, висината, соодносот на површината. Потребна е креативност, но таа мора да биде усогласена со аналитички пристап“, објаснува тој.
Комбинирајќи ги овие две крајности – слободата на дизајнот и строгите технички барања – тимот од Нор го дизајнираше „Ciel Dubai Marina“, хотел кој е воедно и инженерски подвиг.
Незгодна локација и илјада соби
Проектот започнал со едноставно, но тешко прашање: како да се постави хотел со илјада соби на триаголна парцела помеѓу кулата Кајан и улицата Д94? Ситуацијата дополнително се усложнувала со тоа што на парцелата останале темели од претходниот, откажан проект, кои морале да се искористат.
Првичната идеја била едноставна кула со квадратен пресек на подиумот. Но, како што напредувал дизајнот, обликот на зградата морал да се прилагоди на теренот и климатските услови – особено на силните ветрови што доаѓаа од брегот на Персискиот Залив.
На височина од 300 метри ветерот станува сериозен предизвик. Зградите во форма на коцка или квадрат, кои се евтини и ефикасни на помала височина, на тоа ниво стануваат „едра“ кои се виткаат под притисок. Затоа при изградбата на облакодери сè повеќе се користи закривениот дизајн, кој подобро го насочува ветрот и го намалува оптоварувањето на конструкцијата, наведува B1M.
Така настанал стеснетиот, овален облик на Сиел. Тимот поминал две години тестирајќи стотици модели во симулации на ветер, додека не нашол оптимална форма која го минимизира создавањето турбуленции зад зградата.
Бетон наместо челик
Со цел да ги намалат трошоците, архитектите се одлучиле за бетонска конструкција наместо челик. На постојните темели се додадени уште 21, а сè е поврзано со бетонска плоча со површина од 12.000 метри квадратни. Главната носечка конструкција се состои од централно јадро засилено со радијални потпорни ѕидови кои се протегаат по целата висина на објектот.
За дополнителен отпор на страничните сили, особено на ветерот, поставен е систем на потпорни греди – осум масивни греди кои ги поврзуваат радијалните ѕидови со јадрото на објектот.
Фасада која ја следи функцијата
Надворешниот изглед на хотелот е исто така е подреден на функционалноста. Фасадата се состои од стаклени панели закривени со техника на ладно свиткување, што овозможува нежни кривини без губење на ефикасноста на производството. Овој пристап овозможи привлечен изглед и подобра аеродинамика во исто време.
Зградата е завршена во 2024 година и моментално се подготвува за отворање како дел од луксузната колекција на хотели „Vignette“ на групацијата IHG. Хотелот ќе нуди четири базени, вклучувајќи го и највисокиот бесконечен базен во светот на 76-ти кат, луксузен спа центар, бројни ресторани и 147 луксузни апартмани.