Научниците го пронајдоа „активаторот“ за епидемијата на рак која ги погодува сè повеќе помладите: „Ако сте страдале од ова во детството...“

Точка

25/04/2025

12:36

1.895

Големина на фонт

а а а

Вообичаените пречки во варењето, односно во дигестивниот систем, кои многумина ги имале во детството може да бидат тригер за епидемија на рак на дебелото црево кај младите луѓе, сугерира новото истражување.

Ракот на дебелото црево, кој долго време се сметаше за болест на старите луѓе, сè повеќе ги погодува младите луѓе, оние на возраст од 20, 30 и 40 години во САД и Велика Британија, а тој феномен ги збуни дури и лекарите.

Истражувачите од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, сега веруваат дека пронашле потенцијален виновник: Ешерихија коли (E. coli), бактерија која се пренесува преку храната, со која секоја година се заразуваат околу 75.000-90.000 Американци и најмалку 1.500 Британци, пишува „Гардијан“.


Тим научници ја анализирале ДНК на млади пациенти со рак на дебелото црево. Тие пронашле уникатни генетски промени во нивниот дигестивен тракт, а овие промени се чини дека го зголемуваат ризикот од развој на тумори. Овие промени веројатно се развиле уште во детството, додека телото сè уште се развивало.

Одредени соеви на Ешерихија коли, шест од нив, произведуваат колибактин, токсин поврзан со ракот, а пронајден е во туморите на пациенти под 40-годишна возраст. Ешерихија коли што произведува токсини може да предизвика крвава дијареја (пролив), грчеви во стомакот, повраќање и треска. Во тешки случаи, тоа може да доведе до дехидратaција и хемолитички уремичен синдром, како и оштетување на бубрезите.

Најчест извор на инфекција со Ешерихија коли е недоволно варено мелено говедско месо, во кое бактериите можат да се прошират во текот на обработката. Но, со оваа бактерија може да се заразат и лиснатиот зеленчук како зелената салата или спанаќот. Таквиот зеленчук често се контаминира со загадена вода или контакт со добиток. Ризични се и свежото млеко и други непастеризирани млечни производи, како и сировото овошје и зеленчук како јаболка, краставици и никулци.

„Овие модели на мутации се еден вид историски запис во геномот и укажуваат на изложеност на колибактин на рана возраст како движечка сила на раниот почеток на болеста“, рекол Људмил Александров, автор на студијата и професор по клеточна и молекуларна медицина на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.

Тој додава дека ова го менува начинот на кој се размислува за ракот.


„Можеби не се работи само за она што се случува во возрасната доба, така што на ракот потенцијално може да влијаат настаните во поранешниот период од животот, можеби дури и во првите неколку години. Инвестирањето во вакви истражувања ќе биде клучно во глобалните напори за спречување и лекување на ракот пред да биде предоцна“, додал тој.

Тимот исто така открил дека мутациите поврзани со колибактин започнуваат рано во развојот на тумори на дебелото црево, што е во согласност со претходните истражувања кои сугерираат дека овие мутации се случуваат во првите 10 години од животот.

Истражувачите планираат да откријат како децата се изложени на бактерии кои произведуваат колибактин и дали може лековите како што се пробиотиците да ги елиминираат штетните видови бактерии. Тимот, исто така, планира да испита како изложеноста на животната средина подоцна во животот може да го зголеми ризикот од рак на дебелото црево.


„Не секој еколошки фактор остава трага на нашиот геном. Но, колибактинот може да го направи тоа. Во овој случај, неговиот генетски отпечаток се чини дека е силно поврзан со колоректалниот карцином кај младите луѓе“, заклучил Александров.

Бројот на случаи на колоректален карцином, односно рак на дебелото црево, кај лица помлади од 50 години е во пораст во светот. Така, се предвидува дека до 2030 година може да стане главна причина за смртност од рак кај помладите од 50 години во голем број земји.