Научниците предупредуваат дека ефектите од пушењето, прекумерната консумација на алкохол и недоволната физичка активност се чувствуваат веќе на 36-годишна возраст.
Откажувањето од овие лоши навики во раната зрелост и средната возраст може да спречи години на подоцнежно нарушено здравје, според студијата што ги следела луѓето повеќе од 30 години.
Пушењето предизвикува рак на белите дробови и проблеми со срцето и дишењето, додека недостатокот на физичка активност и премногу алкохол се поврзани со проблеми како што се рак, мозочен удар, срцев удар и прерана смрт.
Испитаниците биле следени долги години
Во нова студија, објавена во списанието „Annals of Medicine“, експерти од финските универзитети откриле дека луѓето на возраст од 36 години покажуваат знаци на лоши здравствени избори. Тимот следел 326 луѓе кога имале 27 години, а потоа повторно кога имале 36, 42, 50 и 61 година.
Менталното здравје на луѓето било оценето преку анкети за симптоми на депресија и психолошка благосостојба, а физичкото здравје било оценето со мерење на метаболичкиот ризик врз основа на крвниот притисок, обемот на половината и нивото на шеќер во крвта, холестерол и други масти во крвта.
Од испитаниците било побарано и да го оценат своето здравје во однос на претходната година.
Депресивните симптоми и општата психолошка благосостојба биле мерени на скала од 1 до 4; самооценка на здравјето била мерена на скала од 1 до 5; а метаболичкиот ризик од 0 до 5.
Во секој временски момент биле оценети три ризични однесувања – пушење, прекумерно пиење и физичка неактивност (вежбање помалку од еднаш неделно).
Резултатите покажале јасна врска помеѓу здравствените навики и состојбите
Резултатите од студијата покажале дека доколку луѓето ги имале сите три нездрави навики во дадено време, нивното ментално и физичко здравје било полошо отколку да ги немале.
Поточно, депресивните симптоми се зголемиле за 0,1 поен, метаболичкиот ризик се зголемил за 0,53 поени, психолошката благосостојба се намалила за 0,1 поен, а самооценетото здравје се намалило за 0,45 поени.
Понатаму, долгорочното присуство на сите три нездрави навики било уште посилно поврзано со лошото здравје.
Депресивните симптоми се зголемиле за 0,38 поени, метаболичкиот ризик се зголемил за 1,49 поени, психолошката благосостојба се намалила за 0,14 поени, а самооценетото здравје се намалило за 0,45 поени.
„Никогаш не е предоцна да се променат навиките“
Д-р Тиа Кекалаинен, научничка кој работеше на студијата, изјавила: „Незаразните болести како што се срцевите заболувања и ракот се причина за речиси три четвртини од смртните случаи во светот. Сепак, со водење здрав начин на живот, поединецот може да го намали ризикот од развој на овие болести и да ги намали шансите за прерана смрт.“
„Нашите наоди ја истакнуваат важноста од откажување од ризични здравствени навики, како што се пушењето, прекумерното пиење и физичката неактивност, што е можно порано за да се спречи кумулативната штета што ја предизвикуваат со текот на годините, што кулминира со лошо ментално и физичко здравје подоцна во животот. Меѓутоа, никогаш не е предоцна да се променат навиките. Усвојувањето поздрави навики во средните години има придобивки и на повозрасни години“, истакнала Кекалаинен.
Научниците истакнале дека „наодите од оваа студија сугерираат дека поврзувањата се во голема мера слични со текот на времето од 36 до 61 година“. „Значи, кумулативната поврзаност на пораните ризични однесувања постои уште на 36-годишна возраст, а не само во подоцнежните фази од средната возраст“, заклучиле научниците.