Вчера демонстрантите, исто како и минатата година, нападнаа туристи со пиштоли на вода во Барселона и на шпанскиот остров Мајорка, а за време на протестот побараа да се преиспита економскиот модел за кој веруваат дека ја предизвикува кризата со домувањето.
Овие протестни прошетки се дел од првата координирана акција на активисти кои се загрижени за големите негативни последици од прекумерниот туризам во најпопуларните дестинации во јужна Европа.
Додека неколку илјади луѓе се собраа на Мајорка, стотици се собраа и во други шпански градови, како и во Венеција, Италија, и во португалската престолнина Лисабон.
„Пиштолите на вода се тука за малку да ги вознемират туристите“, рече низ смеа Андреа Мартинез од Барселона откако испрска двојка што седеше во градината на кафуле.
„Барселона е предадена на туристите. Се бориме Барселона повторно да им припаѓа на нејзините жители“, додаде тој.
Мартинез, административен работник (42), е дел од незадоволните граѓани кои веруваат дека туризмот во градот со 1,7 милиони жители е надвор од контрола. Барселона минатата година беше домаќин на 15,5 милиони посетители.
Меѓутоа, поради ова, неговата кирија се зголемила за повеќе од 30%, бидејќи сè повеќе станови во неговиот крај се издаваат под наем на туристи. Традиционалните продавници исто така исчезнале, а на нивно место се отвориле продавници за сувенири, ресторани за брза храна или локали со „bubble tea“ пијалаци.
„Нашите животи, на оние кои целиот живот го поминавме во Барселона, завршуваат. Тие систематски нè исфрлаат“, рече тој.
Околу 5.000 луѓе се собраа во Палма, главниот град на Мајорка, носејќи водени пиштоли и скандирајќи: „Каде и да погледнете, гледате само туристи“.
Овие острови, патем, се омилени меѓу британските и германските туристи, а цените на недвижностите експлодираа бидејќи сè повеќе домови се пренасочуваат кон краткорочни изнајмувања.
Слично е и во Венеција, каде што демонстрантите развија транспарент со кој побараа забрана за нови хотелски кревети во овој град. Протестот се одржа пред две новоизградени згради, од кои едната се наоѓа во историскиот центар на градот. Според активистите, една постара жена, последната станарка од таа зграда, била иселена од неа минатата година.
Демонстрантите во Барселона свиреа со свирки и носеа бројни натписи со пораката „Уште еден турист, еден жител помалку“. Тие залепија налепници на каталонски и англиски јазик на вратите од хотелите и хостелите: „Граѓанска самоодбрана“ и „Туристи, одете си дома“.
Построги правила за „Airbnb“
Градовите низ целиот свет се борат со предизвиците на масовниот туризам и експанзијата на платформите за изнајмување сместувања како „Airbnb“, но незадоволството е најизразено во Шпанија.
Земјата со 48 милиони жители минатата година беше домаќин на рекордни 94 милиони странски туристи.
Шпанските власти се обидуваат да покажат дека ги слушаат жителите, но истовремено не сакаат да ја загрозат индустријата што сочинува 12% од БДП.
Минатиот месец, на „Airbnb“ му беше наредено да отстрани речиси 66.000 огласи за изнајмување поради непочитување на локалните прописи.
Министерот за заштита на потрошувачите, Пабло Бустиндуј, по оваа мерка изјави дека „туристичкиот сектор не може да ги загрози уставните права на шпанските граѓани“, меѓу кои е и правото на стан и достоинствен живот.
Министерот за економија, Карлос Куерпо, во посебно интервју изјави дека владата е свесна за потребата од справување со негативните последици од масовниот туризам.
Најсмелиот потег го направи градската администрација на Барселона, која минатата година ги изненади „Airbnb“ и сличните платформи со најавата дека до 2028 година ќе ги укине сите 10.000 дозволи за краткорочно изнајмување во градот.
„Им ги одземаат становите на луѓето“
Од друга страна, индустријата за изнајмување сместувања верува дека е подложна на неправеден третман.
„Мислам дека многу од нашите политичари најдоа лесен виновник за сите неуспеси на нивните политики за домување и туризам во последните 10, 15, 20 години“, изјави директорот на „Airbnb“ за Шпанија и Португалија, Хаиме Родригез де Сантијаго.
Тој аргумент или не допрел до обичните жители на Барселона, или едноставно не ги засега.
Кема Ескорса, наставник од Барселона, не само што се спротивставува на „Airbnb“ во неговиот град, туку и повеќе не го користи кога патува, од принципиелни причини.
„На крајот сфаќате дека на луѓето им се одземаат становите“, рече тој.