Цените на Јадранот поттикнале бурна дебата меѓу Хрватите, по објава на текст за туризмот. Се нижеле бројни реакции за цените кои потврдуваат дека многу од работите се јасни и дека луѓето и тоа како имаат што да кажат.
Оваа „жешка“ тема ја согледувале од сите агли, но поголем дел коментираат дека луѓето се измамени: „Вистина е, некои претеруваат. Скапо е и за нас домашните кога одиме во ресторан“.
„Одиш во ресторан каде продаваат замрзната риба како свежа, домашна, а со рибата нудат и пијалак. Тоа го уништува хрватскиот туризам, а не цените на апартманите кои се зголемуваат или намалуваат во зависност од побарувачката... Кога сте виделе да се намалат цените во рестораните“, прашал некој Хрват, а друг се надоврзал:
„Проблемот во хрватскиот туризам не е сместувањето затоа што понудата е огромна и цените се од 60 до 200 евра за двајца, па кој како сака. Проблемот е во угостителите кои ги зголемуваат цените до небо, а гостинот којшто сака да јаде нешто може само да бира каде сака да плати поскапо“.
„Некогаш често одев во ресторани, но сега сѐ поретко го правам тоа. Не сакам да ме ограбуваат. Дополнително, квалитетот на храната е многу лош, а и услугата исто“.
Друг додал: „Тоа што го прават по рестораните на крајбрежје ги преминува границите на вкусот. Пред короната во ресторан одевме двапати, три пати неделно, минатата година еднаш, сладолед на плажа повеќе не купуваме. Не затоа што немам пари, туку не сакам да плаќам толку многу“.
„Опатија, пет евра пиво 0,33 l. На еден остров две лежалки и чадор чинат колку ноќевање во апартман. Еден час наем на SUP е 15 евра, еден ден паркинг на прашина 25 евра. Нормално е да се чувствуваме измамени...“.
Свое искуство споделил и човек којшто го пропатувал Медитеранот: „Хрватска е поскапа од Италија, Шпанија и Грција, освен морето и сонцето нема ни 10 отсто понуди какви што имаат тие земји“.
Не била заборавена ни минатогодишната цена од пет или седум евра за топка сладолед, но ниту тоа дека во Црна Гора или Албанија може да поминете поевтино:
„Алчност насекаде, од утринско печиво до влезници и карти за некакви настани или обиколувања. Трговските центри и угостителите совршено се вклопуваат во грабежот“.