Набројување што е можно повеќе животни за 90 секунди изгледа како едноставен јазичен тест, а според резултатите од новото истражување, може да укаже уште колку долго можат да живеат постарите лица.
Истражувачите откриле: колку повеќе животни може да наброи едно лице, толку повеќе животен век ѝ преостанува. Секое дополнително споменато животно го „продолжува“ животниот век во просек за пет отсто.
Што значи ако личноста наброи 10, а што 30 животни?
Секој што ќе успее да именува околу 33 животни за минута и половина, има во просек уште дванаесет години живот пред себе. За оние кои ќе набројат едвај единаесет, очекуваниот животен век е само три години.
Податоците доаѓаат од Берлинската студија за стареење, која била спроведена врз 518 луѓе на возраст меѓу 70 и 95 години. Студијата била започната пред околу 30 години, со еднаков број учесници по возрасни групи и пол.
Учесниците неколку пати учествувале во когнитивни тестови – меѓу нив и тестот за „набројување на животни“.
На што се заснова тестот за набројување животни?
Тестот изгледа едноставно, но тој е многу подобар показател за преостанатиот животен век на постарите од сите претходни тестови и задачи, рекол коавторот на студијата Улман Линденбергер од Институтот за образовни истражувања „Макс Планк“ во Келн, Германија.
„Тестот бара ангажирање на целиот когнитивен систем. Се тестира брзината, долгорочната меморија и будноста на учесниците. Тестот мора да се направи брзо, да се извлечат информации од долгорочната меморија и истовремено мора да постои некаков вид надзор врз сопствените одговори, за постојано да не се повторуваат истите два збора“ објаснил Линденбергер.
Разликата во споредба со другите когнитивни тестови
За разлика од класичните когнитивни тестови кои проверуваат дали личноста може да запомни неколку работи истовремено, да донесува логични заклучоци или да потсети на списоци со зборови, овој тест има друга цел – предвидување на животниот век.
Повеќето од способностите тестирани со традиционални тестови опаѓаат веќе во средната возраст. Спротивно на тоа, способноста да се именуваат многу животни во краток временски период трае подолго – и покрај стареењето на мозокот.
„Кога таа способност почнува да слабее, се чини дека има посебен однос со намалувањето на животниот век. Таков пад на когнитивните способности имам забележано уште порано кај луѓето со деменција. Како млад истражувач, јас лично спроведов многу тестови. Се сеќавам на типични модели на одговори:
„Што требаше да направам? Мачка, куче… што беше вежбата? Мачка, куче… “ – многу пати го набљудував тоа. Може да се замисли дека мачката и кучето се едноставно најактивните термини во долгорочната меморија. Истовремено, луѓето забораваат на задачата и не се сеќаваат на претходните одговори – па кога повторно ќе се потсетат велат „мачка, куче“, истакнал Линденбергер.
Резултатите од тестот не зависат од степенот на образование
Истражувачите исто така испитувале дали нивото на образование и нето приходот влијаат на резултатите од тестовите. Нивниот заклучок – дури иако во просек луѓето со високо образование имаат побогат речник, тоа не ја менува врската помеѓу резултатите од тестовите и очекуваниот животен век.
Според истражувачите, причината за тоа е што животните се блиска тема – без разлика на животниот стандард или образование. Дури и луѓето со пониско формално образование често имаат близок контакт со животните – или поради нивниот начин на живот или поради нивната професија.
Можна комбинација со „фламинго“ тест
Минатата есен внимание привлече таканаречениот фламинго тест. Оние кои можат подолго да стојат на една нога, во просек, живеат подолго, покажале студиите. Линденбергер верува дека комбинирањето на двата теста – тестови за јазик и рамнотежа – можат да даде уште попрецизни резултати.
„И двата теста мерат различни аспекти на стареењето: едниот се однесува на когнитивните способности, а другиот на физичката координација. Комбинацијата од овие два теста би можела да обезбеди дополнителни сознанија за очекуваниот животен век на поединецот“.
Меѓутоа, Линденбергер нагласил дека статистичките тврдења за врската помеѓу резултатите од тестовите и очекуваниот животен век не можат да се применат на поединечни случаи.
„Тие односи само изразуваат веројатност. Од ова не можат да се извлечат веродостојни изјави за преостанатиот животен век на поединецот. И не треба ни да го правите тоа“ заклучил Линденбергер.