Марк Тилбери се опишува себеси како „самоостварен милионер“ и има милиони следбеници на социјалните мрежи. Според неговиот профил на „LinkedIn“, британскиот претприемач е извршен директор на „Model World LTD“, „Century U.K. LTD“ и „Tilbury Multi-Media LTD“ и е познат по споделувањето совети за успех.
Тилбери редовно советува како да заработите, каде да инвестирате и какви работни места можат да ги направат луѓето милионери. Во една прилика со своите 7,8 милиони следбеници споделил пет работи кои секогаш ги прави пред да лета и објаснил зошто се корисни.
1. Фотографирајте го вашиот багаж
Тој вели дека тоа го прави непосредно пред пријавата за „да може да бара до 3.800 долари (околу 2.872 евра) доколку му се изгуби или украде“. Едноставен, но ефикасен начин да се подготвите за најлошото бидејќи изгубениот багаж е еден од најголемите извори на стрес за патниците, но оваа ситница пред летот може да ви заштеди многу пари и нерви.
2. Понесете празно шише со вода
Претприемачот објаснува дека поминувањето низ сигурносната контрола со празно шише ви овозможува „да заштедите на прескапи пијалаци“, бидејќи можете да го наполните на една од многуте бесплатни чешми за вода на меѓународните аеродроми.
3. Користете кредитна картичка за бесплатен пристап до салонот
Ова можеби не важи за сите, но вреди да се провери дали некоја од вашите картички нуди пристап до салоните на аеродромот или дали има слична понуда од вашата банка. Тилбери вели дека оди во салон за да „добие добар оброк пред летот“, што е особено корисно ако летате во авиокомпанија што не служи оброци.
4. Ставете „Apple AirTag“ во вашиот багаж
Извршниот директор вели дека секогаш чува еден од овие уреди во својата чанта за да може да следи каде се наоѓа во реално време во случај да се изгуби. Еден „AirTag“ чини 35 фунти (околу 40 евра) на официјалната веб-страница на „Apple“, а има и поевтини варијанти од другите продавачи. Оваа безбедносна мерка може да ве спаси од главоболка.
5. Испратете копии од вашиот пасош и документи на вашиот е-маил
Тилбери вели дека тоа е уште една мерка на претпазливост во случај да изгубите нешто, а е-поштата е лесно достапна од кој било уред. Губењето на пасошот додека патувате е кошмар, но доколку имате дигитални копии, можете да се извлечете од неволја.
Тиктокерите согласни: „AirTag“ е одлична идеја
Тиктокерите ги споделија своите размислувања за неговите совети во коментари. „’AirTag‘ е одлична идеја, единствена од овие пет што не ја применувам“, „Ова се навистина добри и паметни совети. Дефинитивно ќе усвојам некои од нив“, „За последниот совет, само зачувајте ги документите на „Google Drive“ и овозможете пристап без Интернет, за секој случај“ и „Не би испраќал толку важни документи по е-маил, не е толку безбеден како што мислат луѓето“, напишаа тие.