[ФОТО] Дали ја знаете приказната за Систинската капела: Местото каде кардиналите ќе го изберат новиот папа

Точка

07/05/2025

20:19

2.124

Големина на фонт

а а а

Конклавата, или собирот на кардинали каде што ќе се избира нов папа, започна на 7 мај. Се одржува во Систинската капела, место со историска, политичка и религиозна позадина.

Самата капела е изградена помеѓу 1473 и 1481 година, на барање на папата Сикст IV. Именувана е по него. На македонски прифатиливе се двете имиња, со и без К: Сикстинска капела - од латиски „Sacellum Sixtinum“ (по папата Sixtus IV), и Систинска капела - од италијански „Cappella Sistina“ (по папата Sisto IV).

Оваа капела, која се наоѓа во Апостолската палата, седиштето на Светата столица, е најпозната по уметничките дела што ги красат нејзините ѕидови.


Таванот на Систинската капела е насликан од Микеланџело Буонароти, легендарен италијански сликар од XVI век. Таванот содржи 9 одделни настани од книгата „Битие“, првата книга од Стариот завет.

Најпознатото дело меѓу нив е „Создавањето на Адам“, фреска која се смета за едно од најпрепознатливите уметнички дела во светот.

Покрај таванот, Микеланџело ја насликал и фреската „Страшниот суд“, која се наоѓа веднаш зад олтарот на оваа капела.

Сандро Ботичели, Пјетро Перугино, Пинтурикио, Доменико Гирландајо и Козимо Росели учествувале во декорацијата на оваа капела, која се смета за убедливо најпозната во светот, додека Микеланџело бил ангажиран од папата Јулиј II во раните 1500-ти.

Иако е најпозната по своите уметнички дела и конклава, примарната функција на оваа капела е да биде „Капела Понтифиција“, седиште на Светата столица и местото каде што се центрирани сите активности на водачите на Католичката црква.

Иако базиликата „Свети Петар“ се смета за централен дел на Ватикан, Систинската капела е многу попопуларно место за туристите, но и клучен дел од оваа микродржава во политички контекст.

Токму во оваа капела 133 кардинали ќе го изберат новиот водач на Католичката црква кој ќе го замени папата Франциск, кој почина на 21 април.