Експертите забележале загрижувачки пораст на мозочни удари кај лица под 50-годишна возраст во последниве години, но сè уште не е целосно јасна причината за тоа.
Британски истражувачи неодамна откриле дека пушењето може да биде клучниот фактор зад серијата мозочни удари кај млади, инаку здрави мажи. Во студија спроведена врз повеќе од 500 жртви на мозочен удар, на возраст од 18 до 49 години, експертите заклучиле дека ризикот од мозочен удар кај мажите кои пушат е дури седум пати поголем, пренесува Daily Mail.
Филип Фердинанд, невролог и истражувач на Универзитетот во Кил, истакнува дека овие податоци го нагласуваат значењето на континуираните напори за поттикнување на луѓето да се откажат од пушењето.
„Неодамнешните истражувања покажуваат пораст на бројот на помлади лица со мозочен удар без јасна причина, што нè води до потребата од детално разгледување на сите потенцијални фактори на ризик. Нашата студија покажа дека пушењето може да биде клучен фактор“, додаде тој.
Ризикот расте со полот, возраста и бројот на испушени цигари
Во новото истражување, објавено во списанието Neurology, научниците анализирале 546 случаи на мозочен удар без очигледна причина и ги споредиле со здрави испитаници од иста возраст и пол. Експертите ги разгледале факторите како историјата на пушење, консумацијата на алкохол и нивото на физичка активност, за да ги идентификуваат можните разлики што би објасниле зошто некои од овие млади лица претрпеле мозочен удар.
Откриено е дека стапката на пушење е значително повисока во групата со мозочен удар – секој трет испитаник пушел, наспроти помалку од еден од шестмина во контролната група. Дури и кога се земале предвид фактори како алкохолот, се утврдило дека пушачите имаат двапати поголем ризик од мозочен удар во споредба со непушачите.
Ризикот бил уште поголем во одредени групи. Мажите пушачи имале трипати поголем ризик од мозочен удар од непушачите, а кај пушачите од двата пола на возраст од 45 до 49 години, ризикот бил зголемен четирикратно. Тешките пушачи – оние што консумирале повеќе од 20 кутии месечно – имале четирикратно зголемен ризик. Овие фактори се покажале како меѓусебно поврзани, при што тешките пушачи-мажи имале дури седумпати поголем ризик – највисок измерен ризик во студијата.
„Нашите резултати укажуваат дека континуираните јавно-здравствени напори, особено во борбата против пушењето, можат да играат клучна улога во намалување на бројот на мозочни удари кај младите“, додава Фердинанд.
Познато е дека пушењето го зголемува ризикот од мозочен удар преку стеснување на артериите што го снабдуваат телото со крв. Ова стеснување го зголемува ризикот од создавање згрутчувања кои можат да го прекинат протокот на крв во мозокот, што доведува до мозочен удар. Прекинувањето со пушењето го намалува овој ризик со текот на времето, иако поранешните пушачи и понатаму имаат повисок ризик во споредба со непушачите – особено во периодот до пет години по откажувањето.
Други фактори на ризик
Дополнителни фактори кои придонесуваат за зголемување на бројот на мозочни удари кај младите лица вклучуваат високото ниво на стрес, нездравата исхрана, седечкиот начин на живот и прекумерното консумирање алкохол – сите овие доведуваат до покачен крвен притисок, кој е директен предизвикувач на мозочен удар. Исто така, некои експерти предупредуваат дека одредени здравствени состојби, како што е атријалната фибрилација, често остануваат незабележани кај помладите луѓе.
Мозочниот удар претставува водечка причина за смрт и инвалидитет во светот. Според Светската организација за мозочен удар, секој четврти возрасен човек над 25 години ќе претрпи мозочен удар. Во 2025 година, повеќе од 12 милиони луѓе ширум светот ќе го доживеат својот прв мозочен удар, а 6,5 милиони ќе починат од последиците. Над 100 милиони луѓе во светот веќе имаат историја на претрпен мозочен удар.