Готлиб Вилхелм Дајмлер беше германски инженер, пронаоѓач и индустријалец, чие име е нераскинливо поврзано со почетоците на автомобилската индустрија.
Заедно со својот долгогодишен соработник Вилхелм Мајбах, Дајмлер ги постави темелите за развојот на моторот со внатрешно согорување, револуционизирајќи го транспортот на копно, вода и воздух. Неговата работа доведе до создавање на првиот мотоцикал, првиот автомобил со четиритактен мотор, како и основањето на компанијата "Daimler-Motoren-Gesellschaft" (DMG), која подоцна стана дел од денешната корпорација "Mercedes-Benz".
Рани години
Готлиб Дајмлер е роден на 17 март 1834 година во Шорндорф, мал град во Кралството Виртемберг, тогашен дел од Германската конфедерација (денешна Германија). Тој бил син на Јоханес Дајмлер, пекар, и неговата сопруга Фредерика. Семејството Дајмлер живеело во Шорндорф со генерации.
Од најрана возраст покажал интерес за техника и механика.
На тринаесет години завршил шестгодишно основно образование во Латинското училиште. Во 1848 година започнал со помагање кај оружарот Херман Рајтел во Шорндорф.
По завршувањето на праксата, решил да ја напушти оружарската индустрија и да се посвети на машинството. Во 1852 година се запишал во Школата за напредна обука во индустриските уметности во Штутгарт, каде стекнал солидни технички знаења.
Благодарение на својот талент, Дајмлер добил работа во 1853 година во фабриката "Rollé und Schwilque" во Графенштаден, близу Стразбур. Таму работел на производство на железнички локомотиви и брзо напредувал до позицијата предработник.
Од 1857 до 1859 година, Дајмлер го продолжил образованието на Политехничкиот институт во Штутгарт, каде што ги продлабочил своите знаења за парните машини и нивните ограничувања. Во 1861 година отпатувал во Англија, која во тоа време била „колевка на технологијата“. Работел во водечки инженерски компании, меѓу кои "Beyer, "Peacock and Company" во Манчестер, каде што стекнал драгоцено искуство со алатни машини и производствени процеси.
По враќањето во Германија во 1863 година, се вработил како цртач во Гејслинген, а истата година станал надзорник на работилницата во Брудерхаус во Рајтлинген, каде што го запознал Вилхелм Мајбах, својот иден партнер и клучен соработник.
Револуционерен момент
Кариерата на Дајмлер добила голем замав во 1872 година, кога станал технички директор во фабриката на Николаус Аугуст Ото – "Gasmotoren-Fabrik Deutz", тогаш најголемиот светски производител на стационарни мотори.
Во тоа време, Ото го измислил четворотактниот мотор со внатрешно согорување, а Дајмлер и Мајбах работеле на негово усовршување.
Сепак, несогласувањата со Ото околу визијата за помали и побрзи мотори за возила довеле до прекин на соработката во 1882 година. Дајмлер ја напуштил компанијата "Deutz" и се преселил во Канштат, каде што купил вила и ја претворил стаклената градина во експериментална работилница.
Во 1883 година, Дајмлер и Мајбах го патентирале својот прв мотор на течно гориво (лигроин), кој можел да достигне 750 вртежи во минута – многу повеќе од тогашните мотори.
Овој мотор бил компактен и лесен, совршен за возила.
Во 1885 година, тие го направиле првиот мотоцикл во светот – „Petroleum Reitwagen“ („возило на петролеј“), со помал мотор. Истата година патентирале карбуратор, клучен елемент за мешање на горивото и воздухот.
Следната голема пресвртница дошла во 1886 година, кога Дајмлер и Мајбах вградиле мотор од 1,5 коњски сили во коњска кочија, создавајќи прв автомобил со четири тркала, кој достигнал брзина од 16 км/ч.
Во 1887 година, моторот бил тестиран на бродот „Neckar“, кој постигнал брзина од 11 км/ч.
Наследството на Дајмлер
Во 1890 година, Дајмлер ја основал "Daimler-Motoren-Gesellschaft" (DMG), заедно со Мајбах и инвеститорите Макс Дутенхофер и Вилхелм Лоренц.
Готлиб Дајмлер почина на 6 март 1900 година во Канштат, на 65-годишна возраст.
Неговото наследство живее преку Mercedes-Benz, една од водечките автомобилски компании во светот.