"Toyota" го лансираше најевтиниот електричен SUV во Кина – чини од 13.600 евра

Точка

07/03/2025

20:02

6.249

Големина на фонт

а а а

Јапонската "Toyota" оваа недела започна со продажба на паметен електричен автомобил во Кина, со цел да привлече купувачи со напредни карактеристики слични на оние што ги нудат кинеските конкуренти. Компанијата ги засилува напорите за враќање на својот пазарен удел на најголемиот светски автомобилски пазар, пренесува "Reuters".

"Toyota" досега не постигна значителен успех со своите претходни електрични модели на конкурентниот кинески пазар, каде што доминираат локални производители како "BYD".

Најновиот модел, "Bozhi 3X", кој е значително подостапен од претходните верзии, официјално влезе во продажба во четврток. "Toyota" и нејзиниот кинески партнер, државната компанија "Guangzhou Automobile Group" (GAC), првпат го претставија овој модел на Саемот за автомобили во Пекинг минатата година.

Веќе во првиот час од стартот на продажбата беа примени над 10.000 нарачки, откри Пенг Баолин, потпретседател на продажбата во "GAC Toyota", преку објава на социјалните мрежи.


Најевтиниот модел започнува од 13.600 евра

Цената на верзијата со напреден навигациски систем, кој е споредлив со "Full Self-Driving" функцијата на "Tesla", започнува од 139.800 јуани (приближно 18.100 евра). Основната верзија, со помалку напредни карактеристики, се продава за 104.800 јуани, односно околу 13.600 евра, што го прави најевтиниот електричен автомобил на "Toyota" во Кина.

"GAC Toyota" не сакаше да коментира за плановите за извоз, ниту за профитабилноста на моделот, со оглед на неговата ниска цена.


Паметната верзија на "Bozhi 3X" е опремена со "Orin X" чип, "LiDAR" сензор и софтвер за автономно возење развиен од "Momenta", што го прави конкурентен со другите модели на пазарот.

Кинескиот пазар за електрични возила во моментов е во фаза на интензивна ценовна војна, која минатиот месец влезе во нова фаза кога "BYD" најави дека ќе ги понуди напредните системи за помош при возење бесплатно на неколку свои модели, вклучувајќи ги и оние под 9.200 евра, без дополнителни трошоци.