Моќниот 12-цилиндричен агрегат ќе остане достапен само на „одбрани пазари“, веројатно во региони со помалку строги еколошки регулативи.
"Mercedes" оваа недела ја одржа својата годишна конференција за деловни резултати, каде што ги претстави плановите за иднината. Брендот со трикраката ѕвезда има амбициозна стратегија, која вклучува развој на електрични верзии на "C-Class", "GLC" и "E-Class", како и големо надградување на "S-Class".
"V12" моторот останува – но не насекаде
Љубителите на моќните мотори ќе бидат задоволни од веста дека луксузниот модел ќе го задржи еден од своите најважни адути – "V12" моторот.
Германскиот премиум производител ја изразува својата долгорочна посветеност кон легендарниот 12-цилиндричен мотор, но овој 6.0-литарски "twin-turbo" агрегат ќе биде достапен само на одбрани пазари, најверојатно во региони каде еколошките стандарди се помалку рестриктивни.
"Mercedes" овој мотор го вградува во "Maybach S680" и во "S-Class Guard" (блиндираната верзија). Освен тоа, "AMG" сè уште испорачува "V12" мотори на компанијата "Pagani" за нивниот хиперавтомобил "Utopia".
Во споредба со конкурентите, "Mercedes" останува еден од ретките производители што сè уште нуди "V12" мотор.
"BMW" го укина "M760i" во 2022 година заедно со претходната генерација на Серија 7, a "Audi" се откажа од "W12" моторите уште во 2017 година, кога претходниот "A8" излезе од производство.
"V8" исто така останува!
"AMG" развива нова генерација на електрифициран "V8" мотор, кој ќе се користи во идните модели базирани на "AMG. EA" платформата.
Ова значи дека новата механичка основа нема да поддржува само електрични погони, туку и мотори со внатрешно согорување.
Новиот или надградениот V8 мотор ќе биде прилагоден на "Euro 7" стандардите, што значи дека нема да биде забранет во 27 земји од Европската унија.
Што ќе се случи со 6-цилиндричните мотори?
Иако "Mercedes" не ја спомена директно судбината на 3.0-литарскиот реден 6-цилиндричен мотор, логично е дека ќе го задржи, особено ако "V8" и "V12" остануваат во понудата.
Од друга страна, во понискиот сегмент, "Mercedes" подготвува 48 V електрифициран четирицилиндричен мотор, кој ќе дебитира следниот месец во новата "CLA-Class".
Овој 1.5-литарски агрегат ќе биде споен со осумстепен автоматизиран менувач со двојна спојка. Развиен е од "Mercedes", но неговото производство ќе се одвива во соработка со кинески партнер.
"Mercedes" ги коригира плановите за електрификација
Според најновите проекции, "plug-in" хибридите и електричните модели ќе сочинуваат само 30% од вкупната продажба до 2027 година, додека 70% од продажбата ќе продолжат да бидат автомобили со мотори со внатрешно согорување, вклучувајќи многу модели со "48 V" технологија.
Оваа реалност покажува дека компанијата била премногу амбициозна со претходните цели за електрификација.
Претходно, "Mercedes" планираше до 2030 година да премине исклучиво на електрични возила „каде што пазарните услови го дозволуваат тоа“, но сега е јасно дека тоа нема да се случи – бидејќи светот едноставно сè уште не е подготвен за целосна електрификација.