Доколку вашата работа подразбира седење пред екраните поголемиот дел од денот, голема е веројатноста дека имате проблеми со очите и видот. Во овој случај, најчестите проблеми се главоболка, суви или црвени очи и заматен вид. Експертите предупредуваат дека ова е опасност која им се заканува на многумина во дигиталното општество и дека треба ги слушаме советите на лекарите за да спречиме посериозни компликации.
Ејми Вотс, директорка на болницата за рехабилитација на видот во Масачусетс, наведе две причини зошто гледањето во екраните предизвикува заматен вид.
Првата причина е тоа што пред екранот трепкаме многу помалку отколку кога не се фокусираме на него.
„Нашите очни капаци се како бришачи на автомобилите. Тие ја одржуваат површината на окото мазна и чиста. Кога не трепкаме доволно, тоа е како капки дожд да се акумулираат на шофершајбната, што ја отежнува видливоста“, истакна докторката.
Според неа, втората причина е фактот што очните мускули се заморуваат по неколку часа „тренинг за фокусирање“ на фиксна точка.
„Сите мускули мора да работат совршено за да гледаме јасно. Се изморуваат како што поминува денот, особено ако погледот е фиксиран, што доведува до слабеење на јасниот вид“, објасни Вотс.
Овие проблеми можат да доведат до привремено заматен вид и низа други симптоми, предупредуваат експертите, вклучувајќи главоболки, како и црвенило, чешање, замор или општа непријатност во очите.
Како да им помогнете на очите?
Правењето паузи во текот на денот е најважното нешто што го советуваат експертите. Тие најчесто предлагаат да се придржуваме до правилото 20/20/20, кое вели дека на секои 20 минути треба да гледаме во нешто оддалечено најмалку 20 стапки (околу шест метри), најмалку 20 секунди.
Сепак, неодамнешното истражување сугерира дека дури и овој метод можеби не е доволен за да се избегне „дигитално напрегнување на очите“ и дека подолгите паузи – да речеме, пауза од пет минути секој час – може да ја подобри состојбата.
„Генерално, советот е да правите паузи. Не фокусирајте се на компјутерскиот екран осум часа без престан. Паузите ви помагаат да го промените фокусот и да им дозволите на очните мускули малку да се одморат“, рече Вотс.
Таа додаде дека капките за очи можат да помогнат и во борбата против сувоста која доаѓа од намаленото трепкање, и најдобро е да се користат превентивно, наместо само да се третираат симптомите што се појавуваат.
„Ако имате заматен вид на крајот од денот, ставајте капки на секои неколку часа во текот на денот. Проверете ја осветленоста на екранот и дали е чист. Валканиот екран го отежнува фокусирањето на вашите очи, па тие побрзо се заморуваат“, истакна Вотс.
Дали помагаат заштитните очила?
Стивен Рид, претседател на Американското здружение за оптометрија, смета дека сè уште нема доволно истражувања кои можат со сигурност да потврдат дека заштитните очила навистина нè штитат.
„Најдоброто што можам да кажам е „не боли“, а некои објавени студии сугерираат дека заштитните очила не прават многу за да го намалат напрегнување на очите“, рече Рид.
Даглас Визнер, шеф на одделението за катаракта и примарна нега на очите во очната клиника во Филаделфија, кажа дека е важно да се ограничи времето пред екраните пред спиење, бидејќи користењето уреди во текот на ноќта може да го наруши сонот.
Визнер рече дека не треба да се грижиме премногу, бидејќи напрегнувањето на очите не е знак за поголем проблем или оштетување, туку разбирлив несакан ефект од користењето на нашите очи на начин што не е во согласност со тоа како тие се наменети да работат.
„Редовното, упорно или сериозно напрегнување на очите може да биде знак за полесен проблем со видот“, додаде Рид, додека Визнер истакна дека треба да се провери дали симптомите се вознемирувачки или се ублажуваат со едноставни решенија како паузи и користење капки за очи.