Планираното спојување на "Honda" и "Nissan" во вредност од 58 милијарди долари е на работ на колапс, откако мнозинството од управниот одбор на "Nissan" ја одби понудата, незадоволни од обидот на "Honda" да преземе целосна контрола врз компанијата.
Двете компании почнаа преговори за можно спојување во декември, но по нешто повеќе од 40 дена преговорите заглавија. Според извори блиски до ситуацијата, "Honda" е под притисок на акционерите и внатрешното раководство да го преземе "Nissan" за да му помогне да излезе од кризата. Последниот предлог, кој "Nissan" го доби за време на викендот, значително отстапува од првичната идеја за создавање на заедничка холдинг компанија, која би овозможила зачувување на брендот "Nissan" и автономија во одлучувањето, пишува "Financial Times".
Ултиматум
Веќе во раните фази на преговорите, се појавија несогласувања, најмногу во однос на сопственичкиот сооднос и вреднувањето на имотот. Раководителите на "Nissan" беа непријатно изненадени од новата понуда, која беше претставена како ултиматум – „земи или остави“. И покрај ова, официјална одлука не се очекува до крајот на месецот.
Разговорите за спојување беа започнати откако тајванскиот производител "Foxconn", познат по склопувањето на "iPhone"-ите на "Apple", контактираше со "Renault" кон крајот на минатата година со понуда да преземе дел од неговиот удел во "Nissan". "Renault", кој веќе некое време се повлекува од сопственичката структура на "Nissan", го намалува својот удел по реструктурирањето на долгогодишната алијанса во 2023 година.
На состанокот на одборот на "Nissan" се разговараше и за можното враќање на "Foxconn", но на крајот преовлада противењето на идејата "Nissan" да стане подружница на "Honda". Еден извор близок до "Nissan" смета дека "Honda" наеднаш го „заострила“ својот став бидејќи всушност бара излез од преговорите.
„"Honda" ја презема контролата“
Минатата недела, францускиот "Renault", кој поседува 36 отсто од акциите на "Nissan", го повика својот јапонски партнер да преговара за повисока цена за својот удел, бидејќи "Honda" ќе ја преземе контролата. "Reanult" исто така не сака преговорите да се одолговлекуваат, бидејќи треба да се фокусира на сопствената деловна стабилизација.
Од "Renault" велат дека „последните информации во медиумите сугерираат дека "Honda" и "Nissan" сè уште немаат донесено конечна одлука и дека договорот ќе резултира со преземање на "Nissan" од "Honda", без дополнителна финансиска корист за акционерите на "Nissan". Тие истакнаа дека „одлучно ќе ги бранат интересите на нивната група и нејзините засегнати страни“.
Иако "Nissan" првично се обиде да го претстави договорот како „спојување на еднакви“ за полесно да добие поддршка во компанијата, извори блиски до "Renault" тврдат дека во реалноста се работи за преземање на контролата од "Honda".
Лошите деловни резултати на "Nissan" значително ја ослабнаа нејзината пазарна позиција – вредноста на компанијата падна на само една петтина од вредноста на "Honda", што значително влијаеше на преговарачката моќ на "Nissan". Во средата, акциите на "Nissan" паднаа за речиси 5 отсто, додека на "Honda" скокнаа за 8 отсто.