Во повоена Америка, поточно на 13 март 1948 година, беше претставен автомобилот што требаше да го револуционизира пазарот на компактни возила – 'Playboy".
По завршувањето на Втората светска војна во 1945 година, американскиот автомобилски пазар се најде во необична ситуација. Големите производители, како "Ford", "Chevrolet" и "Chrysler", сè уште се потпираа на старите модели од 1942 година, бидејќи за време на војната производството беше насочено кон воена опрема. Побарувачката за нови автомобили беше огромна, но понудата заостануваше.
Во овој вакуум се појавија мали компании со големи идеи, обидувајќи се да ја искористат шансата. Една од нив беше "Playboy Motor Car Corporation", основана во 1947 година во Бафало, град познат по својата автомобилска традиција, со брендови како "Pierce-Arrow" и "Thomas Flyer".
Голема идеја, мал автомобил
Основачот на компанијата, Луис Хорвиц, бил поранешен трговец на луксузните автомобили "Packard". Заедно со своите пријатели, механичарот Норман Ричардсон и поранешниот инженер во "Pontiac", Чарлс Д. Томас, тој сонувал да создаде мал, евтин автомобил за обичните Американци.
Идејата била едноставна: да се понуди „втор автомобил“ за семејствата, нешто практично за градско возење, со цена од околу 1000 долари – значително пониска од цените на поголемите модели во тоа време.
Карактеристики и иновации
"Playboy" бил компактен автомобил со меѓуосовинско растојание од само 2,29 метри и вкупна должина од 3,96 метри. Тежел само 860 килограми, што го правело многу полесен од конкурентите, како "Chevrolet Fleetmaster" од 1948 година. Го придвижувал четирицилиндарски мотор "Continental" со 40 коњски сили, поврзан со тристепен мануелен менувач. Максималната брзина што се рекламирала била околу 121км/ч.
Она што "Playboy" го правело револуционерен е фактот дека бил еден од првите американски автомобили со преклоплив челичен покрив. Кровот можел рачно да се склопи и целосно да исчезне, овозможувајќи изглед на кабриолет без видлив платнен покрив. Десет години пред "Ford" да го претстави својот "Fairlane 500 Skyliner", "Playboy" веќе нудел ваква технологија, правејќи го пионер во дизајнот.
Автомобилот имал и модерен изглед за своето време, со рамни страници, стил што големите производители го прифатија дури во 1949 година.
Подемот и падот на брендот
Плановите биле амбициозни: компанијата планирала да произведува 100.000 автомобили годишно во нова фабрика купена во јануари 1948 година. Но, за тоа била потребна финансиска поддршка од инвеститори.
Компанијата успеала да произведе само 99 автомобили – вклучувајќи 1 прототип, 97 завршени сериски модели и 1 недовршен автомобил. И покрај иновативниот дизајн и конкурентната цена, "Playboy Motor Car Corporation" се соочила со финансиски проблеми. Недостатокот на капитал и неможноста да привлече доволно инвеститори довеле до престанок на производството. Во 1951 година, компанијата прогласила банкрот.
Како Хју Хефнер го направи името легендарно
Иако "Playboy" не успеал како автомобилска марка, оставил неочекувано наследство. Во 1953 година, Хју Хефнер го основал списанието "Playboy" и го позајмил името токму од оваа компанија. Подоцна, Хефнер потврдил дека добил инспирација од пријател чија мајка работела за "Playboy Motor Car Corporation".
Така, малиот автомобил од Бафало, иако заборавен во светот на автомобилите, индиректно стана икона.