Пристигна новото "R8" – Најмоќното и најбрзо "Audi" во историјата?

Точка

13/03/2025

12:27

932

Големина на фонт

а а а

Иако "Audi" ја затвори приказната со суперавтомобилот "R8", сега се појавуваат гласини за можен кам-бек на моделот.

Секако, на "V10" моторот може да се заборави, исто како што се случи и со наследникот на "Lamborghini Huracan". Италијанците преминаа на "Temerario", односно "plug-in" хибриден погон, а сега истата приказна би можела да се повтори и под капата на "Audi".

Според информациите на британскиот "Autocar", развојот на третата генерација на "R8" е во поодмината фаза, а неговото можно претставување се очекува кон крајот на 2027 година. Новината е што нема да се развива електричен болид на "SSP" архитектура, туку изборот паднал на концепт сличен на оној што веќе го нуди "Lamborghini".

Тоа значи дека треба да се очекува 4.0-литарски "V8" "twin-turbo" мотор во комбинација со три електромотори. Кај Италијанците оваа поставка дава 920 коњски сили, а според гласините, во подготовка е уште посилна верзија со над 1000 коњски сили. Во секој случај, новиот "R8" има сите предуслови да стане најмоќниот и најбрзиот "Audi" во историјата.


Поголема практичност во однос на "Lamborghini"

Најочигледната разлика во однос на "Lamborghini", покрај дизајнот, ќе биде во поголемата практичност. Новиот "R8" би можел да биде попогоден за секојдневно користење, слично како "Porsche 911". Се очекува и "Spyder" верзија, како и задржување на производството во фабриката "Böllinger Höfe".


Историја на "Audi R8"

"Audi R8" дебитираше во 2006 година како првиот сериски суперавтомобил на брендот, инспириран од тркачкиот "R8 Le Mans Prototype". Се базираше на алуминиумската "Audi Space Frame" шасија и користеше централно поставен 4.2-литарски "V8" мотор со 420 коњски сили, а подоцна беше надграден со помоќниот 5.2-литарски "V10".

Втората генерација, претставена во 2015 година, донесе унапреден дизајн, полесна каросерија и посилни V10 верзии. Малку познат факт е дека "Audi" го нудеше "R8" и во електрична варијанта, која комерцијално беше неуспешна.

Во 2023 година моделот официјално беше укинат, означувајќи крај на ерата на бензинските суперавтомобили на "Audi Sport", по продадени 45.949 примероци. Се надеваме – само привремено.