Победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД поттикна голем број познати личности да размислат или да преземат чекори околу преселбата во други држави, а особено во Обединетото Кралство. Иако победата на Трамп беше клучен поттик за некои, сепак и пошироките политички услови во земјата исто така одиграа значајна улога. Во продолжение листата на ѕвезди кои решиле да ги напуштат САД или сериозно размислуваат за преселбата поради сè понестабилните услови во САД.
Америка Ферера
Една од познатите личности која се одлучи да ги напушти САД е актерката Америка Ферера, која смета дека во Велика Британија може да им обезбеди подобар живот на своите деца – синот Себастијан и ќерката Луција.
Извор близок до Ферера откри за „Daily Mail“ дека победата на Трамп актерката тешко ја доживеала како и дека и е тешко поради политичкиот пресврт во САД. Особено ја разочарал поразот на Камала Харис. „Таа веруваше дека Америка е подобра од ова“, изјави изворот. Иако оваа нејзина селидба не значи целосен прекин со Холивуд, во иднина Ферера планира да го балансира својот професионален ангажман во САД со животот во Велика Британија.
„Таа ќе продолжи да работи во САД и да се залага за правата на Латиноамериканците и жените, но за доброто на своето семејство и образованието на децата, таа би се преселила во странство. Нејзините деца се нејзин приоритет, а таа го гледа Лондон како место каде што може да им ги обезбеди најдобрите можни услови“, додава изворот. Инаку Ферера веќе била забележана како ги посетува приватните училишта во Лондон, пренесува магазинот „Hello“.
Мини Драјвер
Актерката Мини Драјвер, во јули го најави своето враќање во Британија откако живееше во Лос Анџелес речиси три децении.
Тогаш таа откри и дека ќе ѝ биде исклучително тешко да се врати во Америка доколку Доналд Трамп биде избран за претседател. „Доколку треба да живеам во „црвена“ републиканска држава, не би можела да се вратам. Но, во Калифорнија сте донекаде заштитени“, изјави Драјвер.
Софи Тарнер
Софи Тарнер исто така се врати во Лондон, а откри дека вооруженото насилство и промените во законите во САД биле клучни мотиватори за нејзиното враќање дома.
„Вооруженото насилство, укинувањето на пресудата „Ро против Вејд“ … Сè само се натрупуваше“, вели Тарнер.
Рајан Гослинг и Ева Мендес
Исто така и актерите Рајан Гослинг и Ева Мендес му се приклучија на трендот на иселување. Имено тие се преселиле во Лондон за на децата да им овозможат потивко детство далеку од светлата на рефлекторите и познатите врсници. Мендес (50) минатиот месец изјави за „The Times“ дека таа и нејзиниот сопруг (43) моментално живеат во Нотинг Хил, во Лондон, заедно со нивните две деца, додавајќи: „Имаме пристап до заедничките градини. Искрено, тоа е магично“.
Меѓу оние кои размислуваат за сличен потег се Хју Џекмен и Рене Зелвегер, кои се загрижени поради политичката нестабилност и општествените предизвици во САД.