[ВИДЕО] Најгледаната серија на Нетфликс отвори 28 години стар судски случај: Дали ќе бидат ослободени?

Точка

07/10/2024

13:33

821

Големина на фонт

а а а

Новото судско рочиште за Ерик и Лајл Менендез закажано е за 29 ноември, повеќе од 28 години откако беа осудени за убиството на родителите и две недели откако серијата која ја следи нивната приказна беше прикажана на Нетфликс и стана најгледана серија.


Обвинителот надлежен за Лос Анџелес, Џорџ Гаскон, го објави ова на конференцијата за печат и кажа дека се откриени нови докази за тоа дека браќата Менендез биле жртви на малтретирање од страна на нивниот татко.

„Нѝ беа дадени искази. Добивме фотокопија од писмо коешто наводно еден од браќа го испратил на друг член на семејството, а во коешто пишува дека тој е жртва на малтретирање“, изјави Гаскон. „Имаме и докази коишто ги претстави одбраната, нивните адвокати, дека еден од членовите на бендот Менудо тврдел дека татко им го малтретирал“, додаде Гаскон.

Новото сослушување на крајот би можело да доведе до повторување на судењето или повторно изрекување на казната на Ерик и Лајл, но Гаскон изјави дека сè уште не е донесена одлука.

„Ниту една од овие информации не е потврдена. Во овој момент не сме подготвени да кажеме дали им веруваме или не им веруваме на овие информации, но тука сме да ви соопштиме дека имаме морална и етичка обврска да го преиспитаме она шшто нѝ е претставено и да процениме дали ја заслужуваат казната – и покрај тоа што очигледно биле убијци, бидејќи со години се во затвор и ги вратија своите долгови кон општеството. Доколку овие докази тогаш беа претставени пред судот, можеби поротата ќе донесеше поинаков заклучок“, вели Гаскон.


Ерик и Лајл се осудени на доживотен затвор во 1996 година поради убиството на нивните родители, Џос и Кити Менендез, во нивната вила во Беверли Хилс на 20 август 1989 година. Првобитно на браќата им се судеше одделно, но тоа резултираше со поништено судење. Кога беа судени заедно, осудени се на доживотен затвор, а браќата велат дека убиствата ги извршиле поради стравувања за сопствените животи откако татко им ги малтретирал и сексуално ги вознемирувал.

Потоа во 1998 и 1999 година, Апелациониот суд на Калифорнија и Врховниот суд на Калифорнија ги потврдија пресудите на Ерик и Лајл и одбија да го преиспитаат нивниот случај. Браќата исто така поднесоа петиција до Апелациониот суд на САД за Деветтиот округ, но беа одбиени. Во мај 2023 година, Ерик и Лајл побараа одржување на ново сослушување откако беа откриени докази дека нивниот татко наводно го малтретирал пејачот Рој Роселоа од детскиот бенд „Мендудо“ од Порто Рико.

Серијата на Рајан Марфи „Monsters“ ја испитуваше приказната на Ерик и Лајл, а премиерно беше прикажана на Нетфликс кон крајот на септември. Серијата оствари голема популарност и имаше 19,5 милиони прегледи во првата недела по објавувањето.

Исто така серијата предизвика контроверзии поради приказот на браќата, особено поради прикажувањето на нивниот однос како хомоеротичен и инцестуозен. Во изјава дадена од затвор, Ерик вели дека серијата лажно ги претставила, додека останатите членови на семејството Менендез серијата ја нарекоа „гротескна“ и „проткаена со невистини“.

Сепак нејзината популарност го предизвика повторното отворање на овој судски случај, а милиони гледачи на серијата сметаат дека казната која ја добиле браќата не е праведно донесена. Истото го смета и Ким Кардашијан, која во својот есеј упатен до „NBC News“ напиша оти се надева доживотната казна на браќата ќе биде преиначена. Инаку браќата веќе имаат поминато 35 години в затвор.



Спонзорирани линкови

Маркетинг