[ФОТО] Германско село „изгубено“ во Аргентина: Жителите јадат гулаш, колбаси и шницли, пијат пиво и зборуваат германски

Точка

22/09/2024

19:02

3.806

Големина на фонт

а а а

Куќи со дрвени греди, прозорци со шарени цвеќиња, рачно насликани украси, улични знаци на германски јазик, ресторани кои служат гулаш, колбаси и шницли… Заборавете на Германија и Европа, бидејќи ова е описот на волшебниот град сместен во аргентинските планини, каде секој чекор изгледа како влегување во друга димензија од бајка, пишува „Путни кофер“.

Со своите 1500 жители, Ла Кумбесита е совршена копија на Баварија во далечната Аргентина, а приказната зад изградбата на овој планински град е навистина неверојатна. Создаден е како резултат на експеримент во триесеттите, кога група швајцарски и германски туристи го избрале ова место како идеално засолниште од надворешниот свет. Решиле да создадат оаза која ќе ги потсетува на нивната татковина, во исто време далеку од вообичаеното секојдневие.


Човекот зад проектот е Хелмут Кабјолски, кој работел како градежен инженер за германскиот индустриски гигант „Сименс“ и бил префрлен во Буенос Аирес во 1932 година. Тој и неговото семејство не биле импресионирани од плажите во близина на главниот град и копнееле по планините.

Кога еден пријател ги поканил на неговата оддалечена фарма во близина на Кордоба, вториот по големина град во земјата, тие патувале прво со воз, потоа со автомобил и на крајот со коњ бидејќи немало патишта.


„Кога пристигнаа овде, беа воодушевени од убавината на местото, од реките и природната убавина што ја имаше областа“, изјави Ингрид Кабјолски за Си-ен-ен, која всушност е внука на Хелмут и која води ресторан именуван по него во градот.

Кога Хелмут купил 500 хектари во 1934 година, карпестиот пејзаж немал речиси никаква вегетација, малку трева и речиси и да немало дрва. Тој го организирал доаѓањето на членовите на семејството од Германија за да помогнат во изградбата на првите домови, како и на градинката.

На крајот, тие засадиле илјадници дрвја во песочната почва, создавајќи импресивни шуми што ги нема никаде на друго место во Аргентина, освен на ова парче земја во планините Сиера Гранде. Хелмут почнал да продава парцели на семејни пријатели. Единствениот услов бил тие да ги дизајнираат своите домови во стил на швајцарско, германско или австриско село.


Тој продолжил да работи за „Сименс“, дизајнирајќи 300 мостови низ целата земја. Со текот на времето, неговите пријатели и семејството изградиле патишта, донеле струја и направиле други подобрувања во инфраструктурата. Наскоро, мало село никнало на околу 1.524 метри надморска височина.

Хелмут ја предводел иницијативата местото да се развие во туристичка дестинација. Сè уште е мал град, но има спа-центар во дрвена куќа, неколку ресторани кои служат мешавина од германска и аргентинска кујна и прошетки со водич до идиличните каскади долж кристално чистата река Албах.


Тука претежно се зборува на шпански јазик, но некои семејства сè уште зборуваат германски во своите домови. Летото е исполнето со фестивали кои ја слават германската храна, музика и традиција. Ресторанот на Ингрид, алпска куќа со низок покрив и широк поглед на планините од терасата, е и нејзиниот дом и градски музеј. Нејзините ѕидови се покриени со стари фотографии и врамени документи кои го покажуваат развојот на градот.

Освен културниот шарм, туристите доаѓаат во Ла Кумбресита и за мир. Пешачки патеки распослани од центарот на градот, зиплајн се пробива низ шумската крошна, додека коњите ги водат туристите по рабовите на шумата, овозможувајќи им да се возат во сосема поинаков планински пејзаж.

Дури и во самиот центар на градот владее мир. Ла Кумбресита е единствениот аргентински град организиран исклучиво за пешаци, една од бројните мерки што локалните лидери ги презедоа во текот на годините за да ја заштитат животната средина. Оваа оаза е речиси целосно зависна од обновливите извори на енергија и го компостира најголемиот дел од својот органски отпад, создавајќи речиси самодоволна заедница.



Спонзорирани линкови

Маркетинг