Како да се толкуваат декларациите на храната? Нутриционистка ги открива 7-те најчести заблуди за „здравите“ производи

Точка

23/08/2024

16:02

5.190

Големина на фонт

а а а

Во свет преполн со различни прехранбени производи, разбирањето на етикетите на пакувањата е од суштинско значење доколку имате намера да се храните здраво.

Иако правилата за етикетирање на храната често се сложени и тешко разбирливи, се повеќе луѓе сакаат да знаат што купуваат. Производителите, од своја страна, понекогаш користат стапици и маркетиншки трикови за да ја скријат вистинската природа на производот, дури и кога храната е далеку од здрава, вели нутриционистката Бранка Мирковиќ и ги открива тајните на читањето декларации.

„Информациите за производот се наоѓаат на неговиот „грб“, меѓутоа, често се среќаваме со половични и скратени информации на предната страна. Производителите често ја користат оваа страница за да рекламираат дека храната е здрава, дека има помалку лоши масти и шеќер и дека калориската, односно енергетската вредност е намалена на препорачаната порција, а не на 100 грама од производот, како што би требало“ – вели соговорничката на српски „Курир“.


Доколку купуваме набрзина и не внимаваме на задната страна, ќе бидеме во заблуда, бидејќи тоа се далеку помали количини од нашите вообичаени. Ако на тоа ги додадеме неразбирливите поими и имиња, конфузијата е целосна, предлага нутриционистката

Закон и практика

Постои закон за декларација на храна и технолошки правилник за производителите, вели таа, и таму сè е јасно, но купувачот не е должен да го прочита, нему мора да му биде јасна декларацијата. Сепак, законот често не се почитува.

„Домашните производи мора да имаат јасна и видлива етикета, бидејќи често се мали и нечитливи, а за увезената стока мора да има превод. Тука е и списокот на состојки, нето количина и рок на траење. Сувомесните производи и сирењата кои се продаваат по мерење мора да имаат истакнати декларации на видно место на витрината, што е мерка на претпазливост за лицата кои имаат разни алергии“, објаснува нутриционистката.

Големината на буквите како и фонтот се исто така пропишани и доколку не можете да ја прочитате декларацијата или нешто е неразбирливо, откажете се од купувањето. Тоа е ваше право“, вели Бранка и додава дека треба да развиеме свест дека некупувањето на производот може да го натера производителот на промена.


Основни заблуди за „здравата“ храна

• Витамини и минерали. На предната страна обично пишува дека производот е збогатен или засилен со додадени витамини и минерали. Тоа значи дека производот во основа не содржи витамини и дека се додадени синтетички.

• Без глутен. Друга честа заблуда е дека производот е здрав доколку не содржи глутен. Многу производи без глутен може да бидат нездрави бидејќи содржат лоши масти и повеќе шеќери.

• Лајт млечни производи. Од нискомасните млечни производи се отстрануваат маснотии, но за да се згусне производот најмногу се додава скроб, односно се зголемува количината на јаглехидрати.

• „Природна“ овошна арома. На овошни јогурти, кашички, сокови, чаеви … често има натписи „со природна овошна арома“. Внимавајте, бидејќи многу често во нив нема овошје или го има во многу мали количини. Ова создава заблуда кај купувачот дека купил производ кој е здрав, а всушност содржи хемиски, односно синтетички овошни ароми.

• Сувомеснато без месо. Синтетички ароми се додаваат во паштетата, но и трајните сувомеснати производи, а поголема количина се добива со додавање на житарки, други јаглехидрати и неквалитетни масти. Поради оваа причина, проверете ја количината на месо во производот.

• Не знаете што јадете. Грицките се посебна приказна, особено тенко исечените печени компири или лебот што мириса на скара, шунка, пармезан … Се работи за аромата, односно парфемот што го испуштаат специјалните машини, па не ни знаеме што јадеме. А бидејќи се пржат во длабоки масти, полни се со транс масни киселини.

• Какво кафе пиеме? На кафето често може да се прочита дека, на пример, не е минас, туку има арома на минас. Се разбира, вкусот останува ист, но генерално во прашање е многу лошо кафе. Најголемите измами во врска со кафето лежат, сепак, во оние кои се спакувани во ќесички. Затоа, прочитајте ги декларациите, бидејќи ознаката „арома“ значи дека се работи за вештачки мирис, и дека производот го нема тој квалитет, советува нутриционистката.


Измами кај додадениот шеќер

Кога ќе наидете на производи на кои се посочува дека не содржат шеќер, за жал дури и на оние за дијабетичари, знајте дека ова е манипулација со купувачите, открива Мирковиќ.

„И да не сме болни, туку само да водиме грижа за количината на шеќер што ја внесуваме, тоа е голема измама. Има различни имиња за шеќери и доколку не сте упатени, нема да ги препознаете. Генерално ги нарекуваат поздрави, што не е точно“, категорична е нутриционистката.

Шеќерот може да биде од шеќерна репка, карамелизиран шеќер, кафеав шеќер кој е бел, но обоен, шеќер од трска, кокосов, слаткарски … но сето тоа е шеќер.

„Слатките сирупи се само уште една форма на шеќер. Многумина мислат дека тоа е здрава храна, особено ако се наведе фруктозен сируп кој всушност се прави од сируп од пченка, а има и сируп од трици, сируп од ориз … За нашиот организам тоа е шеќер, но за производителите е поевтин и многумина го користат. Се додаваат и меласа, лактоза, кристална фруктоза, галактоза, фруктоза, малтоза … Да резимираме, сите овие состојки значат дека производот содржи шеќер, односно дека поради тоа не е поздрав“, вели Бранка.


Обрнете внимание на маснотиите

Рафинираното масло значи дека е загреано, па не е ладно цедено, а особено внимавајте на транс масните киселини во мајонезот, маргаринот, грицките и пржената храна.

„Нездрави се, бидејќи го подигаат нивото на холестерол и лошо влијаат на здравјето, особено на срцето и крвните садови. За разлика од нив, заситените масни киселини кои ги има во масното месо, јајцата (ако ги јадеме во поголеми количини), некои растителни производи, како и во кокосот и кикиритките се помалку штетни, но треба да се консумираат умерено“, заклучува таа.




Спонзорирани линкови

Маркетинг