Давањето мобилен телефон на децата од оваа возраст се поврзува со сериозни проблеми во однесувањето

Точка

23/08/2024

13:18

5.123

Големина на фонт

а а а

Денес малите деца станаа експерти во користењето таблети и паметни телефони, меѓутоа доколку прекумерно ги употребуваат, можно е да не научат како да се справуваат со своите емоции, што ќе предизвика излив на гнев кај нив.

Истражувачите од универзитетот Шербрук, во Канада,во списанието „JAMA Pediatrics“ детално го опишаа овој штетен циклус. Тие во текот на својата студија забележаа дека просечното време коешто малите деца го поминуваат користејќи мобилни телефони се зголемило од пет минути дневно во 2020 година, на 55 минути дневно во 2022 година, а притоа многу четиригодишни деца имаат сопствени уреди.


За потребите на оваа студија, родителите на 315 деца го следеа однесувањето на своите деца од 2020 година кога тие имале три и пол години, до 2022 година, кога децата наполнија пет и пол години, а темпераментот на децата се мерел преку бихевиорален прашалник.

Децата на возраст од три до пет и пол години, просечно поминувале шест и пол часа пред телефонските екрани неделно, а децата на возраст од четири и пол години поминувале шест часа и 42 минути употребувајќи телефон, додека пак децата на возраст од пет и пол години го користеле телефонот седум часа неделно. Една година откако започнала студијата и следењето на децата, кога тие наполниле четири и пол години, родителите забележале присуство на поголем гнев и фрустрација кај децата, а додека децата наполниле пет и пол години нивните изливи на гнев се зголемувале.


„Користењето на екраните воопшто, а особено користењето на мобилните телефони, станува сè поприсутна појава во животите на малите деца. Нашата студија сугерира дека родителите треба да знаат, на кој начин користењето на таблет – уредите во раното детство, може да ја наруши способноста за управување со бесот и фрустрациите и да предизвика зголемени изливи на гнев кај малите деца“, велат истражувачите.

Прекумерната употреба на мобилните уреди влијае врз социјалните вештини на децата од предучилишна возраст

Направената студија имаше одредени ограничувања, вклучувајќи го и тоа дека била направена во текот на Ковид – 19 пандемијата, кога малите екрани често биле замена за дадилките. Авторите на студијата исто така не го зеле предвид квалитетот на содржината којашто децата ја гледале, на пример: дали децата слушале приказни или гледале видеоснимки на „Јутјуб“. Исто така, истражувачите немаат сознание дали родителите комуницирале со своите деца додека ги користеле мобилните уреди, а заедничката употреба на овие уреди, може да им помогне на родителите и децата да ги зајакнат своите односи.


„Одредени апликации и програми можат да понудат поддршка во развојот на емоционалната регулација. На пример: се покажало дека цртаниот филм и мобилната апликација „Daniel Tiger“ им помагаат на децата да ги подобрат своите вештини на емоционална регулација“, објаснуваат истражувачите.

Други истражувања покажуваат дека прекумерната употреба на мобилните уреди може негативно да влијае врз здравјето, академските и социјалните вештини на децата од предучилишна возраст, бидејќи во тие моменти тие не стапуваат во интеракција со своите родители коишто можат да ги научат како да ги регулираат своите емоции.



Спонзорирани линкови

Маркетинг