Овој град (повторно) е прогласен за најдобар град за живот

Точка

29/06/2024

16:52

5.449

Големина на фонт

а а а

Виена и оваа година ја задржа титулата најдобар град за живеење во светот. Ова е четврти пат во последните шест години и трет пат по ред главниот град на Австрија да е на прво место, според податоците на „Economist Intelligence Unit“ (EIU).

Годишниот извештај, кој има за цел да покаже колку некој град е пријатен или погоден за живеење, испитал 173 градови на светско ниво врз основа на 30 индикатори организирани во пет категории: стабилност, здравствена заштита, култура и животна средина, образование и инфраструктура. И додека Виена води во четири од овие категории, помал пад е забележан во категоријата култура и животна средина поради недостатокот на големи спортски настани, според „EIU“.


Според извештајот, индексот на удобност за живот на „EIU“ благо се зголемил во изминатата година и покрај падот на стабилноста и инфраструктурата во некои градови со напредни економии. Сето ова било компензирано со подобрувања во здравството и образованието во градовите во развој.

Западна Европа бележи пораст на криминалот

Освен Виена, на листата на најдобри градови за живеење на врвот се најдоа Копенхаген на второто место и Цирих на третото место. Западна Европа е регион со најдобри резултати кога станува збор за погодноста за живот на глобално ниво, со вкупен резултат од 92 од 100. Сепак, тој е намален од минатата година поради зголемувањето на протестите и криминалот, што влијаело на категоријата стабилност, се вели во извештајот.


Северна Америка е највисоко рангирана за образование

Северна Америка е втор најдобар регион, со просечна оценка од 90,5 од 100 и највисоко рангирана за образование. Тековната станбена криза во Канада ја намалила оценката за инфраструктура во оваа држава.

10 најпогодни градови за живеење, според „EIU“

1. Виена, Австрија

2. Копенхаген, Данска

3. Цирих, Швајцарија

4. Мелбурн, Австралија

5. Калгари, Канада


6. Женева, Швајцарија

7. Сиднеј, Австралија

8. Ванкувер, Канада

9. Осака, Јапонија

10. Окленд, Нов Зеланд

Најмалку погодни градови за живот во светот

На дното на листата доминираат градовите во субсахарска Африка и регионите на Блискиот Исток и Северна Африка. Според извештајот, Дамаск, Сирија и Триполи, Либија се рангирани како двата града со најниска прифатливост за живеење, откако граѓанските немири ги уништија нивните економии. Киев, Украина, е рангиран како 9-ти град кој е најмалку погоден за живот.

Оваа година најмногу падна Тел Авив, главниот град на Израел – тој паднал за дури 20 места на листата поради војната со Хамас.



Спонзорирани линкови

Маркетинг