Колку блиски пријатели имате? Оваа бројка може да биде значајна за здравјето на вашето срце

Точка

22/06/2024

14:30

2.799

Големина на фонт

а а а

Блиските односи со семејството и пријателите се клучни не само за менталната благосостојба, туку и за здравјето на срцето.

Ова го докажа новото истражување спроведено од австралискиот универзитет Монаш, пренесува SheFinds.com.

Научниците шест години проучувале 9.936 здрави Австралијци на возраст над 70 години. Нивните наоди ја истакнуваат значајната улога што ја играат социјалните односи во кардиоваскуларното здравје. Оние кои биле во брак или партнерство имале помал ризик од кардиоваскуларни болести, а специфичните видови на социјални интеракции биле поврзани со уште поголема благосостојба.


Според студијата, силните социјални врски кои „овозможуваат дискусија за лични работи и проблеми“ можат да го намалат ризикот од срцеви заболувања до 30 проценти.

Научниците дошле до сознание дека социјалните врски значително влијаат на здравјето на срцето. За мажите кои одржувале блиски врски со три до осум роднини на кои можеле да се потпрат за помош, се забележало намалување на ризикот од срцеви заболувања за 24 проценти.

Уште поважно, мажите кои имале ист број роднини со кои можеле да разговараат за лични работи, го намалиле ризикот од срцеви заболувања за 30 проценти. Ова сугерира дека квалитетот на врските, а не само нивната количина, игра клучна улога во здравјето на срцето.

За жените, истражувањето ја истакна важноста на доживотните пријателства.


Жените кои живееле со други имале 26 отсто помал ризик од срцеви заболувања во споредба со оние кои живеат сами. Покрај тоа, жените кои имале најмалку три пријателки со кои можеле да разговараат за лични работи, го намалиле ризикот од срцеви заболувања за 29 проценти.

Социјалните активности како играње шах се исто така важни

Студијата исто така покажа дека природата на социјалните активности може да влијае на здравјето на срцето.

Мажите кои се занимавале со социјални активности од натпреварувачки карактер, како што се играње шах и карти, го намалиле ризикот од срцеви заболувања за 18 проценти. Ова сугерира дека вклучувањето во социјални интеракции, без разлика дали преку семејно поврзување или преку друштвени игри, може да носи значителни придобивки за кардиоваскуларното здравје.


- Нашата студија покажа дека блиските женски пријателства се поврзани со помал ризик од нови случаи на срцеви заболувања. Ова може да има позитивен ефект врз кардиоваскуларното здравје - изјави за New Atlas Ахамиле Бирхану Тешале, магистер по епидемиологија за јавно здравје и главен автор на студијата.

Истражувачите истакнуваат дека овие резултати се релевантни за сите, не само за луѓето постари од 70 години.


- Без разлика на возраста, јасни се доказите за придобивките за здравјето на срцето на блиските пријатели и роднини. Овој феномен може да се припише на позитивното влијание на споделувањето чувства со членовите на семејството, пријателите или соседите во промовирањето на чувството на благосостојба и поврзаност - заклучи Тешале.




Спонзорирани линкови

Маркетинг