„Каде одиш ти, одам и јас“: Прегрнати заминале во смрт, не сакале да се остават еден со друг, а поради нивниот потресен крај плачеше цел свет

Точка

24/06/2024

22:19

36.528

Големина на фонт

а а а

Годинава се навршуваат 112 години од потонувањето на тогаш најголемиот патнички брод во светот, познатиот Титаник. Филмот за Титаник нѝ ја претстави во преден план трагичната љубовна приказна на Џек и Роуз, кои на луѓето први им паѓаат напамет кога ќе се спомне Титаник.

Таа ноќ на Титаник загинале околу 1500 луѓе. Тоа се 1500 приказни, од кои многу никогаш нема да ги дознаеме. Сепак, постои една за која знаеме, а која дури накратко беше прикажанa во филмот. Имено, станува збор за трогателната љубовна приказна на Исидор и Ајда Штраус.

Секој што го гледал „Титаник“ сигурно се сеќава на бабата и дедото кои лежејќи на креветот во својата кабина додека надоаѓа ледената вода, прегрнати мирно го чекаат својот крај. Сцената од легендарниот филм ги допре и најтврдите срца, но малкумина знаат дека не се работи за уметничка слобода, туку за неверојатна вистинска приказна за луѓе кои одбиле да се спасат и решиле да умрат „онака како што живееле - заедно“.


Исидор бил американски бизнисмен со германско потекло кој стапил во договорен брак во 1871 година со Ајда, девојка од имигрантско европско семејство. Иако бракот бил договорен, љубовта која се родила помеѓу двајцата била длабока и искрена.

Исидор и Ајда ја поминале зимата во Франција, а назад за Америка тргнале со Титаник. И така овој пар се нашол на пат за Америка на 14-ти април 1912 година, кога бродот удрил во санта мраз и почнал да тоне.

За нивната љубовна приказна во интервју за „Titanic Belfast“ проговори потомокот на Исидор и Ајда Штраус, Џесика Штраус.


„Тие биле на одмор на Ривиерата и одлучиле да резервираат патување назад до Њујорк на бродот „RMS Titanic“. Ова не било очекувано патување, тоа било одлука во последен момент“, рекла Џесика во интервјуто.

Откако бродот удрил во сантата мраз, г-ѓа Штраус за малку ќе влегла во чамецот за спасување.

„Тие биле во нивните 60-ти години, биле многу, многу години заедно и имале неколку деца. Ајда не сакала да го остави сопругот. На Исидор му било понудено место на друг чамец за спасување, но тој не сакал да биде спасен сè додека на бродот имало жени и деца. Исидор ја молел сопругата да влезе во чамецот, но таа се свртела и му рекла: „Исидор, ние сме заедно сите овие години. Каде одиш ти, одам и јас“...“, додала Џесика.

Ајда Штраус ја соблекла бундата и ѝ ја предала на својата слугинка Елен Бирд. Елен на убедување на Штраусови влегла во чамецот за спасување и така се спасила. Последен пат биле видени како седат заедно на лежалките држејќи се за рака.

Телото на Исидор Штраус било пронајдено од страна на екипажот на бродот Мекеј-Бенет и бил погребан на гробиштата Вудлон во Бронкс, Њујорк. Телото на г-ѓа Штраус никогаш не било пронајдено.


Кога преживеаните патници на бродот „Карпатија“ пристигнале во Њујорк, многумина, меѓу кои и слугинката Елен, им ја раскажале на новинарите приказната за Исидор и Ајда Штраус, нарекувајќи ја „најневеројатниот пример на љубов и приврзаност“ и таа со неверојатна брзина се прошири низ светот.

Телото на Исидор било пронајдено и идентификувано, но телото на Ајда засекогаш останало некаде во длабочините на океанот. Сепак, на гробот на Штраус во Бронкс, нивната љубов е овековечена засекогаш со едноставен цитат од „Песна над песните“: „Водата не може да ја изгасне љубовта - ниту може да ја потопи“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг