[ФОТО] Како изгледало детството на Исус Христос? Ракопис стар 2.000 години конечно е дешифриран и открива сè

Точка

12/06/2024

20:00

5.224

Големина на фонт

а а а

Експертите дешифрираа древен ракопис, откривајќи дека ја претставува најраната копија на евангелие во кое се пишува за детството на Исус Христос.

Фрагментот од папирус стар повеќе од 1.600 години, што се користел во антиката како површина за пишување, се чувал во Хамбург, односно во германската државна и универзитетска библиотека „Карл фон Осиецки“, но со децении во голема мера останал незабележан.

Сега, еден пар научници утврдија дека старогрчкиот текст напишан на фрагментот доаѓа од „Евангелието на Тома за детството“ и ја претставува најстарата негова позната верзија, пишува „Њусвик“.


Ракописот е едно од „апокрифните“ евангелија, збир на ранохристијански списи кои генерално не се сметаат за дел од библискиот канон на религијата. Овие списи даваат детали за раниот живот на Исус Христос, иако тие се од непознато потекло. И покрај тоа што не биле вклучени во Библијата, приказните биле популарни и широко распространети во антиката и во подоцнежниот средновековен период.

Ова апокрифно евангелие ја раскажува помалку познатата приказна за „оживување на врапчињата“, која вели дека петгодишниот Месија ги претворил глинените врапчиња во живи птици. Приказната се нарекува и „второ чудо“.

Пред ова откритие, кодексот од 11 век ја претставуваше најстарата позната грчка верзија на ова евангелие, за кое се смета дека е напишано во вториот век.

Но, научниците Лајос Беркес од „Институтот за христијанство и антика“ при Универзитетот Хумболт во Берлин и Габриел Ноки Маседо од „Универзитетот во Лиеж“, Белгија – успеале да го датираат фрагментот од папирус од библиотеката во Хамбург од 4 до 5 век.

„Фрагментот е од извонреден интерес за истражување. Од една страна, затоа што можевме да го датираме од 4 до 5 век, што го прави најраната позната копија. Од друга страна, затоа што успеавме да добиеме нови сознанија за преносот на текстот“, рекол Беркес во соопштението за печатот.


Освен што го датираат фрагментот од папирус, кој потекнува од Египет, авторите го дешифрирале и текстот напишан на него. Овој текст е напишан во 13 реда, при што секоја линија содржи околу 10 старогрчки букви.

Содржината на папирусот долго време се занемарувала бидејќи не се сметало дека има значителна историска вредност.

„Се сметаше дека е дел од секојдневен документ, како што е приватно писмо или список за купување, бидејќи ракописот изгледа толку несмасно“, кажал Берекс.

Како што пренесува „Њусвик“, авторите на студијата првпат дошле до папирусот сосема случајно.

„Ги разгледувавме сликите на папирусите кои се чуваат во Државната и универзитетска библиотека во Хамбург (достапни на интернет) во канцеларијата на Лајош во Берлин и наидовме на фрагментот“, рекол Маседо.

На прв поглед, истражувачите препознаа неколку зборови и ги искористија за да пребаруваат текстуална база на податоци на старогрчката литература, наоѓајќи совпаѓање.

„Прво го забележавме зборот Исус во текстот. Потоа, споредувајќи го со многу други дигитализирани папируси, го дешифриравме буква по буква и брзо сфативме дека тоа не може да биде секојдневен документ“, објаснил Берекс.

Последователната анализа на текстот ги наведе истражувачите да заклучат дека тој претставува копија од „Евангелието на Тома за детството“.

„Од споредбата со веќе познатите ракописи на ова евангелие, знаеме дека нашиот текст е најраниот. Тој го следи оригиналниот текст, кој според сегашната состојба на истражување е напишан во 2 век од нашата ера“, рекол Беркс.


Имајќи предвид дека папирусот кој се чува во Хамбург сега е најраната позната верзија, најновите наоди ја поддржуваат идејата дека ова апокрифно евангелие првично било напишано на старогрчки јазик.

„Откривањето на папирусот од Хамбург е значајно за историјата на ‘Евангелието на Тома за детството’, дело од 2 век кое имало добар успех меѓу читателите во антиката и средниот век“, изјавил Маседо.

Истражувачите сугерираат дека овој конкретен текст можеби е создаден во училиште или манастир како дел од вежба за пишување, како што е потврдено од несмасниот ракопис и неправилните линии, меѓу другите фактори.

Нивните резултати ќе бидат објавени во „Списание за папирологија и епиграфија“ (Journal of Papyrology and Epigraphy).