Француската полиција случајно пронашла биста на Џим Морисон, украдена во 1988 година од гробиштата Пер-Лашез во Париз, каде што се наоѓа гробот на легендарниот американски пејач и место за поклонение на многу негови обожаватели.
Импресивната скулптура на фронтменот на бендот „Дорс“, создадена од хрватскиот уметник Младен Микулин, беше украдена од париските гробишта пред 37 години, пренесува БФМ ТВ.
Скулптурата, изработена од Микулин по повод 10-годишнината од смртта на Џим Морисон во 1981 година, ја пронашла финансиската и антикорупциската бригада во текот на полициска потрага поврзана со случајот на измама кој го водела канцеларијата на јавниот обвинител во Париз.
Според официјалната верзија, Морисон починал во када, на 27-годишна возраст, од срцев застој во јули 1971 година.
Францускиот новинар Сем Барнет тврди во книгата од 2007 година дека блиските пријатели и семејството ја искривиле официјалната верзија за смртта на Морисон за да го „исперат“ неговиот углед и дека прераната смрт на уметникот всушност била последица на предозирање со хероин во тоалетот на парискиот ноќен клуб „Рокенрол циркус“.
Во 1991 година, на 20-годишнината од смртта на пејачот, на неговиот гроб избувнаа немири, објави Би-би-си, поради што беа принудени да ангажираат дополнително обезбедување на гробиштата.
Потоа, на гробот на Морисон бил трајно поставен стражар.
Точните околности на смртта на пејачот сè уште се обвиткани во мистерија, а повеќето првични извештаи велат дека починал од срцев удар во кадата. Бендот „Дорс“, формиран во Лос Анџелес, беше меѓу највлијателните рок групи од крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите.