[ВИДЕО] Сакал поголема дневна соба, сам срушил неколку ѕидови во станот, и тогаш се срушила цела зграда: Глетката е морничава, но најстрашно е што тој не бил единствениот „мајстор Боб“

Точка

15/05/2025

14:39

2.504

Големина на фонт

а а а

Не за џабе постојат Градежниот и Архитектонскиот факултет. И тие не се од каприц на науката такви што треба да се простудираат до најситните детали. Кога подигањето згради и уредувањето на просторот би било лесно, секој би го правел тоа – со штуро знаење и основно познавање за мешање вода и чакал и поставување тули.

Затоа, ако некогаш помислите сами да ги срушите ѕидовите во станот, без да ги знаете законите на силите, сетете се на примерот на овој Бразилец, кој поради својата луда идеја урна половина од станбена зграда.

Извесен неименуван „гениј“ од градот Јабоатао дос Гуарапес во Бразил, поточно во сојузната држава Пернамбуко, одлучил самоиницијативно да урне неколку ѕидови за да ја прошири дневната соба. Последиците од неговото „мајсторство“ беа многу подалекусежни отколку што можеше да претпостави, а дека наместо повеќе пространа просторија ќе види уривање на речиси половина станбена зграда – не помислувал ниту во своите кошмари.


Неговиот непромислен потег довел до преоптоварување на конструкцијата, а инспекторите последователно утврдиле дека тој не е единствениот кој самоволно ја преземал улогата на архитект, градежен инженер и изведувач – и тоа без никакво стручно знаење.

Повеќе станари на своја рака извеле градежни работи

Како што потврдила за медиумите надлежната инспекторка Дениз Маија, неколку станари, секој за себе, изведувале градежни работи „по сопствена режија“, па зградата била евакуирана во неделата на 4 мај – два дена пред нејзиниот колапс.

„Регионалниот совет за инженерство и агрономија на Пернамбуко (Креа) не доби никакви официјални информации за тоа кој ги изведува работите во зградата, ниту за природата на тие работи. Со проверка на нашиот систем, утврдивме дека нема апсолутно никакви податоци за реновирањето на становите. Очигледно е дека станарите сами ги извршиле сите реновирања“, рекла Маија.

Таа, потоа додала дека на станарите не им е забрането да прават промени внатре во становите, но нагласила дека секоја структурна интервенција мора да биде надгледувана од инженер – особено кога станува збор за таканаречените згради „кутии“, во кои ѕидовите ја носат тежината на целата конструкција.

Во меѓувреме, бразилските медиуми јавуваат дека локалните власти започнале преговори со владата на сојузната држава Пернамбуко, така што трошоците за отстранување на урнатините ќе ги покрие државата или евентуално осигурителна компанија.