[ФОТО/ВИДЕО] Мајмуните во Панама киднапираат бебиња од други видови

Точка

20/05/2025

18:56

693

Големина на фонт

а а а

На островот Хикарон во Националниот парк „Коиба“ во Панама, регистрирани се случаи во кои белоличните капуцин мајмуни киднапираат млади од друг вид наречени мајмуни викачи.

Она што започна како редок и навидум изолиран инцидент, се разви во широко распространет тренд.

„Многу е чудно, веднаш отидов во канцеларијата на мојот советник да го прашам за што се работи“, рече истражувачката Зои Голдсбороу.

„Ги имавме сите снимки од камерата на Хикарон цела година, па можевме да ја реконструираме сцената и да видиме дали ова чудно однесување е еднократно или нешто поголемо од тоа“, додаде истражувачот Брендан Барет.

Феноменот за прв пат е забележан во 2022 година кога Голдсбороу прегледала снимки од камери активирани со движење, кои биле поставени за проучување на капуцините кои користат камени алатки. Меѓу илјадниците снимки, една покажа прекрасна сцена. Мажјак капуцин на грб носел бебе мајмун викач, меѓувидова интеракција што никогаш порано не е видена.

Со подетално испитување на снимката, Голдсбороу открила повеќе примери, четири различни младенчиња мајмунчиња викачи кои речиси секогаш ги носел истиот невозрасен мажјак по име Џокер.

„Првично мислевме дека можеби е посвојување, меѓутоа, фактот дека мажјакот бил единствениот носител на овие бебиња е всушност важен дел од сложувалката“, рече таа.

Некое време, ова однесување изгледаше како изолиран куриозитет.

„Мислевме дека станува збор за единка која пробува нешто ново, што не е невообичаено да се види меѓу капуцините. Тие се многу љубопитни животни, постојано ја истражуваат шумата и учат како да комуницираат со својот свет“, рече претходно споменатата истражувачка.

Сепак, пет месеци подоцна, нов сет снимки откри дека Џокер не е сам. Четири други млади капуцин мажјаци, исто така, почнале да носат младенчиња мајмуни викачи.

„Целосната временска рамка открива фасцинантна приказна за една индивидуа која иницирала необично однесување кое брзо го забележале други млади мажјаци“, рече Барет.


Во период од 15 месеци, истражувачите документирале 11 различни киднапирања. Младенчињата мајмуни викачи, држејќи се за стомаците или грбот на своите киднапери, биле видени како ги следат капуцините додека се движеле низ шумата, понекогаш користејќи алатки за кршење школки или ореви. Во повеќето случаи, младенчињата биле стари помалку од четири недели, а доказите покажуваат дека ниту едно не преживеало.

Сепак, капуцините не им наштетиле на бебињата, но не можеле да им обезбедат млеко кое им било потребно за да преживеат. Истражувачите го опишуваат ова однесување како „социјална традиција“ или „културен тренд“, иновација што започнала со една индивидуа, а потоа се проширила преку социјалното учење.

„Не видовме никаква корист од ова за капуцините, но не гледаме ниту јасна штета, иако може да им го отежни користењето на алатките“, рече Голдсбороу.

Истражувачите веруваат дека потеклото на ова чудно однесување може да лежи во уникатните услови на островот Хикарон.


„Преживувањето на Хикарон изгледа лесно. Нема предатори и има малку конкуренти, што ги остава капуцините со многу време и малку работа. Овој 'луксузен' живот се чини дека ги поставува темелите за иноваторите во популацијата на овие социјални животни. Оваа нова традиција ни покажува дека неопходноста не мора да биде „мајка“ на пронајдокот. За високо интелигентен мајмун кој живее во безбедна, можеби недоволно стимулирачка средина, досадата и слободното време би можеле да бидат доволни“, рече коосновачот на проектот, Мег Крофут.

Долгорочните последици од овој тренд сè уште не се познати, меѓутоа, викачите се веќе загрозени на Хикарон, па киднапирањата на новороденчиња може да станат проблем во нивното зачувување, особено ако трендот продолжи да се шири.