„South China Mall“ во кинескиот град Донгуан се смета за најголемиот трговски центар во светот. Поточно, трговски центар со најголема површина на локали достапни за изнајмување – речиси 660.000 метри квадратни простор во кој можат да се сместат повеќе од 2.300 продавници.
„Dubai Mall“ е поголем по површина - има повеќе од милион квадратни метри простор, но вклучува и други содржини, како хотел, зоолошка градина и тематски парк, а од оваа година на мапата се појави уште еден гигантски играч, и тоа можеби неочекувано, во Техеран. „Iran Mall“ со сите дополнителни содржини по површина е поголем од „South China Mall“ и „Dubai Mall“ заедно!
Архитектите го осмислиле „South China Mall“ како место со седум меѓународни зони, имитирајќи ги Амстердам, Париз, Рим, Венеција, Египет, Карибите и Калифорнија. Центарот вклучува 25 метри висока реплика на Триумфалната капија, камбанаријата на базиликата Св. Маркo од Венеција, но и канал со гондоли долг два километри. Се сметаше дека центарот ќе привлекува околу 100.000 посетители секој ден.
Иако „South China Mall“ бил замислен како трговски рај, откако е отворен во 2005 година, тој главно е празен, односно 99 отсто од неговиот капацитет е празен. Закупени се само деловни простории во близина на главниот влез во центарот, а во нив се сместени западни ланци за брза храна.
Многумина веруваат дека „South China Mall“ е лошо замислен проект изграден на погрешно место. Имено, сопствениците на „Dongguan Sanyuan Yinghui Investment & Development“ сакале да привлечат богата клиентела од големите градови како Гуангжу и Шенжен, но го сместиле во град во централната провинција Гуангдонг, каде повеќето од осумте милиони жители се мигранти со ниски приходи.
Во 2015 година, центарот доживеа низа реновирања и измени, а во него масовно почнаа да се отвораат бутици и ресторани со попристапни цени за производи и услуги. Иако во последните 5 години центарот го посетуваат повеќе луѓе од кога било досега, и понатаму кружат информации за тоа дека неговите капацитети се полупразни. Најпосетувана содржина во центарот е киното со 3Д екран.