Кој филм оваа недела ќе ве забавува?!

Точка

05/04/2013

23:48

6.911

Големина на фонт

а а а

По долгата напорна недела, опуштањето со некој од филмските светски хитови е еден од најдобрите начини за да го поминете слободното време во текот на викендот, па токму затоа, погледнете кои се десетте филмови кои што оваа недела освоија свое место во американскиот бокс офис.

Доколку немате идеја кој филм да го гледате овој викенд, во продолжение погледнете го распоредот на овонеделниот распоред во американскиот бокс офис и помеѓу десетте филмски хитови сигурно ќе го пронајдете оној кој што ќе ве натера да направите голема количина пуканки, да го викнете друштвото или партнерот и да поминете мирна и релаксирана вечер во рамките на вашиот дом.

1. "G.I. Joe: Retaliation"

Холивудскиот убавец Ченинг Татум повторно ги привлекува своите обожаватели со својата улога во научно-фантастичната акција и авантура "G.I. Joe: Retaliation". Станува збор за режисерско дело на Џон Ем Чу, а покрај Татум, во филмот своја улога остваруваат и Двејн Џонсон и Ди Џеј Котрона. По својата премиера, филмот има вкупна заработка од 51 милион долари.





2. "The Croods"

Втора недела во американскиот бокс офис е анимираната комедија и авантура "The Croods", режисерско дело на Кирк Де Мико и Крис Сандерс. Филмот има остварено вкупна заработка од 88,9 милиони долари, а во текот на изминатиот викенд, во киносалите тој заработил 26,7 милиони долари. Гласовите на ликовите во филмот ги позајмуваат веќе докажаните актери Николас Кејџ, Рајан Рејнолдс и Ема Стоун.





3. "Tyler Perry's Temptation: Confessions of a Marriage Counselor"

Ако се има во предвид фактот дека станува збор за филм во кој своја улога остварува планетарно познатата старлета Ким Кардашијан, лесно може да се претпостави дека филмот ќе има и повеќе од одлична заработка. Имено, драмата "Tyler Perry's Temptation: Confessions of a Marriage Counselor" е дело на режисерот Тајлер Пери, а покрај Ким Кардашијан, своја улога остваруваат и Џурни Смолет Бел, Ванеса Вилијамс и Бренди Норвуд. По својата премиера, филмот има вкупна заработка од 21,6 милиони долари.





4. "Olympus Has Fallen"

Акцијата и трилерот "Olympus Has Fallen",втора недела по ред обезбеди свое место во американскиот бокс офис. Станува збор за режисерско дело на Антоин Факва, а главните улоги во филмот ги толкуваат актерите Жерард Батлер, Арон Екхарт и Морган Фримен. Филмот има остварено вкупна заработка од 54,9 милиони долари.





5. "Oz the Great and Powerful"

Во текот на четвртата недела по неговата премиера, семејната и фантастична авантура "Oz the Great and Powerful" се наоѓа на петото на американскиот бокс офис, со вкупна заработка од 198 милиони долари, додека во текот на изминатиот викенд, истиот заработил 11,7 милиони долари. Станува збор за режисерско дело на Сам Раими, а во истото своја улога остваруваат Џејмс Франко, Рејчел Вајс и најсексапилната жена за изминатата година, Мила Кунис.





6. "The Host"

За првпат помеѓу десетте најгледани филмови во САД е и романтичната авантура и акција "The Host". Филмот е изработен под режисерската палка на Ендру Никол, а главните улоги во филмот ги имаат Саоирс Ронан, Мак Иронс и Џејк Абел. Филмот има остварено вкупна заработка од 10.6 милиони долари.





7. "The Call"

Трета недела во американскиот бокс офис, свое место има и трилерот "The Call", со вкупна заработка од 39,6 милион долари. Филмот е режисерско дело на Бред Андерсон, додека своја улога во истиот остваруваат Иви Томпсон, Абигаил Бреслин и оскаровката Хали Бери.





8. "Admission"

Втора недела по ред во американскиот бокс офис се наоѓа романтичната комедија и драма "Admission", во која главните улоги ги толкуваат харизматичните актери Тина Феј, Паул Руд и Нат Волф. Филмот е дело на режисерот Пол Вајтц, а вкупната досегашна заработка изнесува 11,7 милиони долари, додека во текот на изминатиот викенд, филмот заработил 3,24 милиони долари.





9. "Spring Breakers"

Едно од најочекуваните филмски остварувања за оваа година, криминалистичката комедија и драма "Spring Breakers" оваа недела се наоѓа на деветото место од американскиот бокс офис, со вкупна заработка од 10,1 милиони долари. Филмот е дело на режисерот Хармони Корин, а главните улоги во филмот ги толкуваат младите холивудски миленички Ванеса Хаџенс, Селена Гомез, Ешли Бенсон и Рејчел Корин, додека главната машка улога ја има Џејмс Франко.





10. "The Incredible Burt Wonderstone"

Трета недела во бокс офисот е и за комедијата "The Incredible Burt Wonderstone", чија што вкупна заработка изнесува 20,6 милиони долари. Филмот е создаден под режисерската палка на Дон Скардино, а ликовите ги толкуваат Стив Карел, Лук Ванек и Стив Бускеми.





Доколку сепак сакате некој од овие филмски хитови да ги погледнете на големото платно во киносалите, погледнете ја понудата на скопските кина.