Принцезата Шарлин долго ја носеше титулата „најтажна на светот“. Всушност, уште од денот на венчавката, кога сите видовме како плаче по излегувањето од црквата, трае дебатата – дали тоа беа солзи од радост или тага што не можеше да ја скрие, свесна дека доброволно потпишала влез во „златен кафез“. А девојките некогаш сонуваа за принцови на бел коњ и за она бајковито „живееја среќно до крајот на животот“...
Има и такви што сметаат дека тоа постојано демонстрирање на незамислива меланхолија е, едноставно, дел од нејзиниот имиџ. Но, дури и кога ѝ се појавува насмевка на усните (најчесто едвај забележлива), во очите ѝ се чита некаква тага. По кого или по што копнее принцезата Шарлин? Прашањето, секако, е реторичко и нема одговор, а многумина се убедени дека причината за нејзината тага треба да се бара на адресата запишана во нејзината лична карта. Несреќна е таму каде што е – и нема начин тоа да се промени, констатираат светските медиуми.
Шарлин Витсток била успешна пливачка, ја претставувалс својата земја дури и на Олимписките игри и сите ја познаваа како весела девојка. Но потоа, со бракот со наследникот на тронот на малото кнежевство на Азурниот Брег, доби нов статус и стана дел од високото општество и старото европско благородништво, внимателно исполнувајќи ги сите должности што ѝ беа доделени.
Откако стана сопруга на принцот Алберт, нејзиното добро расположение стана реткост вредна злато. Ако на фотографите им успее – со будно око и објектив – да ја уловат првата дама на Монако со блага насмевка на лицето, тоа се смета за вистински џекпот.
Во последно време, сепак, приказната малку се смени. Принцезата Шарлин сè почесто се насмевнува – и тоа не остана незабележано. А на 24 јуни, за Денот на Свети Јован Крстител, заштитникот на монашката црква, повторно се појави на балконот на палатата заедно со семејството, поздравувајќи го народот и уживајќи во манифестациите во чест на големиот светец, како и на официјалниот почеток на летото.
Иконата на стилот, по тој повод, носеше елегантен црн фустан со откриени раменици. Вниманието го привлекоа и десетгодишните близнаци – престолонаследникот Жак во свечено одело со вратоврска, а особено неговата сестра Габриела во ангелски бел фустан. Изгледаше токму така – како ангел. Сепак, многумина забележаа дека девојчето беше прилично сериозно. Не се насмеа ниту еднаш, или барем фотографите не го уловија тој момент.
На кого личат, повторно се прашуваше светот... Тој, велат, е дефинитивно мамино дете. А Габриела? На Алберт? Или нешто „помеѓу“? Дури и самиот Алберт еднаш се пошегува: „Велат дека Габриела повеќе личи на мене. Но, јас дефинитивно мислам дека во обајцата има малку од Шарлин.“
Дали го наследила и тажниот поглед од мајка ѝ? Некои портали веќе ја претставуваат како „најтажната принцеза II“. Се чини дека Жак, кој ги има мајчините црти на лицето, е повесел по природа. На поголемиот дел од фотографиите се насмевнува, иако веќе сега ја сфаќа сериозноста на ситуацијата и сè што го очекува кога ќе го наследи тронот – исто како британскиот принц Џорџ, исто така иден владетел.
Бидејќи беше очигледно дека Габриела се досадува и дека свеченостите во чест на Свети Јован не ѝ беа премногу интересни – дури ни традиционалното палење оган пред дворецот – Шарлин често се наведнуваше кон неа, ја охрабруваше и, најверојатно, ја молеше да биде трпелива и да издржи до крајот на церемонијата.
Шарлин и Алберт од Монако на 1 јули ќе прослават 14 години брак. Според некои наводи, проблемите во нивната врска започнале уште пред самата венчавка. Имено, додека ја пробувала венчаницата, идната принцеза дознала дека принцот има вонбрачно дете. Се зборуваше дека поради тоа одлучила да побегне од земјата, но успеала да стигне само до амбасадата на нејзината родна Јужна Африка. Сакала да се врати во татковината, но сепак не го напушти Монако.
Или принцот успеал да добие прошка и да ја убеди невестата да не создава скандал, или, пак, ѝ бил одземен пасошот, па не можела да ја премине границата. Во секој случај, на 1 јули 2011 година, Шарлин стана членка на семејството Грималди – најстарата европска владејачка династија која сè уште е на престолот.
Дали и тие речиси година дена кои ги помина во Африка, наводно поради инфекција и операција на уво, всушност биле нов обид за бегство? Потврда – нема. Ако е вистина, тогаш, по којзнае кој пат, постигнале некаков договор за „да не пукне брука“, а таа во меѓувреме се помирила со судбината.
Или, сепак, сето тоа се само теории на заговор? Во последно време Шарлин се смее почесто од порано – што сите го забележале. Истовремено, забележано е и дека таа сè помалку личи на „најтажната принцеза“, а дека таа „титула“ сè повеќе ѝ прилега – на нејзината ќерка.