[ФОТО] Од Рим до Скопје: Vespa Grand Prix Skopje во знакот на 80 години vespa

Точка

10/08/2026

10:59

342

Големина на фонт

а а а

На 5 септември 2026 година, со почеток во 10:00 часот, на големиот паркинг кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“, спроти базенот, ќе се одржи Vespa Grand Prix Skopje – целодневен настан во организација на Vespa Club Skopje, посветен на Vespa културата, натпреварувачкиот дух и италијанскиот начин на живот.

Оваа година настанот добива дополнително значење бидејќи Vespa одбележува 80 години од своето создавање во 1946 година. Осум децении подоцна, Vespa е многу повеќе од превозно средство – таа е еден од најпрепознатливите симболи на италијанскиот дизајн, стил, слобода и култура.

ОД РИМ ДО СКОПЈЕ

Годинава, осум членови на Vespa Club Skopje со своите Веспи отпатуваа од Скопје до Италија и беа дел од големото одбележување на 80-годишнината на Vespa во Рим.


Патувањето од речиси 2.000 километри на Vespa, како и атмосферата и заедништвото што клубот ги доживеа во Рим, станаа дополнителна инспирација дел од тој дух да се пренесе и во Скопје.

Само неколку месеци подоцна, Vespa Club Skopje го организира Vespa Grand Prix Skopje, со амбиција македонската престолнина да добие свој препознатлив Vespa настан кој во иднина ќе привлекува учесници и гости од целиот регион.

ТРИ ДИСЦИПЛИНИ, ЕДЕН GRAND PRIX

Натпреварувачкиот дел на Vespa Grand Prix Skopje е резервиран за сопствениците и возачите на Vespa и ќе се одвива во три дисциплини.

Во споро возење, возачите ќе ги покажат својата контрола и баланс, додека во спретно возење – Gymkhana ќе се натпреваруваат на специјално подготвен полигон каде прецизноста и умешноста ќе бидат клучни.


Третата дисциплина носи сосема поинаква динамика – најбрзо возење на 60 метри, каде што ќе одлучуваат брзината и времето.

Учесниците ќе можат да се пријават во една, две или во сите три дисциплини, а за најуспешните се предвидени награди.

Дополнително, ќе биде избрана и Best in Show Vespa – најубавата Vespa на настанот.

НАСТАН ЗА ЦЕЛО СКОПЈЕ

Иако натпреварувачкиот дел е резервиран исклучиво за возачите на Vespa, Vespa Grand Prix Skopje е настан од отворен карактер, а влезот за сите посетители е слободен.

Идејата е на 5 септември просторот кај СЦ „Борис Трајковски“ да стане место за дружење на весписти, семејства, љубители на италијанската култура и сите оние кои сакаат да поминат еден поинаков ден во Скопје.


Покрај натпреварувачката програма, во текот на целиот ден ќе има DJ сетови, а во попладневните часови со двочасовен музички настап ќе се претстават Калина & Гуру Харе бенд.

Италијанскиот карактер на настанот ќе продолжи и преку гастрономската понуда – фокача сендвичи, пица, италијанско кафе и други препознатливи италијански вкусови и пијалоци.

Целта е едноставна: на еден ден, дел од Италија и Vespa културата да се преселат во Скопје.

„ОД РИМ ДОНЕСОВМЕ МНОГУ ПОВЕЌЕ ОД СПОМЕНИ“

„Оваа година осуммина од нашиот клуб ја имавме можноста со своите Веспи да отпатуваме до Рим и лично да бидеме дел од прославата на 80 години Vespa. Кога ќе видите колку силна заедница постои околу Vespa и колку луѓе од различни земји ги поврзува истата страст, природно се раѓа желбата дел од таа енергија да ја донесеме дома.


Vespa Grand Prix Skopje е нашиот следен чекор.

Не сакаме да направиме само уште еден мото-настан. Сакаме да создадеме настан кој со текот на годините ќе стане препознатлив за Скопје, ќе привлекува весписти од целиот регион и истовремено ќе биде ден во кој ќе може да ужива целото Скопје.“