Генијален механичар го собори светскиот рекорд за најтесен автомобил некогаш направен, откако создал возило што може да се вози, а е широко само 19,5 инчи (околу 50 сантиметри).
Малиот, но моќен „Фиат Панда“ го заслужи своето место меѓу најнеобичните Гинисови светски рекорди.
Главниот ум зад овој проект, 30-годишниот Андреа Мараци од Италија, почнал да го преработува стариот „Фиат Панда“ од 1993 година пред само 12 месеци.
Неговата цел била едноставна – да го создаде најтесниот автомобил што светот некогаш го видел.
Андреа рекол дека она што започнало како „луда идеја на автомобилски отпад“ се претворило во мисија да создаде „нешто што никој друг го нема“, пренесе „Сан“.
Со простор доволен само за Мараци, необичниот „Фиат Панда“ сега е целосно функционален и може да се вози, со што официјално го потврди статусот на најтесен автомобил во светот.
Гинисовата книга на рекорди неодамна официјално го призна достигнувањето на Мараци во Бањоло Кремаско, Италија.
Ова необично електрично возило има модифицирана каросерија, четири тркала, еден преден фар и едно седиште.
Но, и покрај драстично намалените димензии, автомобилот сè уште задржува повеќе од 90 отсто од своите оригинални делови.
Симпатично наречен „Flat Fiat“ (Сплескан Фиат), автомобилот достигнува максимална брзина од околу 15 км/ч и тежи 264 килограми.
Мараци го спасил автомобилот со кој го соборил светскиот рекорд од семејниот бизнис за расклопување стари автомобили, а често може да се види како со необичното возило се движи низ тесните италијански улици.
Тој рекол дека токму дислексијата придонела за неговата креативност и се надева дека неговото достигнување ќе ги инспирира и другите луѓе со тешкотии во учењето да ги следат своите необични соништа.

„Го избрав Фиат Панда затоа што е познат низ целиот свет. Имало Фиат Панди со кади, имало и модели направени од дрво, но никој досега немаше направено толку тесен“, истакнал Мараци.
Неговото иновативно возило доби бројни пофалби бидејќи покажа дека со паметни инженерски решенија и рециклирани автомобилски делови може да се создаде целосно функционален автомобил.
Еден корисник, коментирајќи под негово видео на Јутјуб го нарече автомобилот „уметничко дело“.
Друг, пак, напиша: „Фантастична идеја, но пред сè, ми се чини дека е извонредно изработен“.















