Возачот со ексклузивниот Ferrari Monza SP2 немал соодветно осигурување, а поседувал само привремена британска возачка дозвола. Автомобилот вреден милиони веднаш бил запленет, но најголемото изненадување следело потоа.
Еден од најретките и најскапи автомобили во светот останал без својот возач само половина час откако пристигнал на улиците на Лондон.
Станува збор за Ferrari Monza SP2, автомобил чија вредност се проценува на околу 3,7 милиони фунти, од кој се произведени само 499 примероци во комбинација со моделот Monza SP1.
Автомобилот пристигнал во Велика Британија од Саудиска Арабија, но неговата прва посета на Лондон траела исклучително кратко. Полицијата го запрела како дел од голема акција против опасното и незаконското возење во центарот на британската престолнина.

Причината, сепак, не била брзото возење или моќниот мотор.
Полицајците откриле дека возачот немал соодветно осигурување и поседувал само привремена британска возачка дозвола, што значи дека не смеел самостојно да управува со автомобилот.
Така, човекот кој седел зад воланот на Ferrari вреден милиони фунти останал без автомобилот по помалку од половина час возење.
Запленети 90 автомобили
Ferrari-то било само едно од околу 90 автомобили запленети за време на полициската акција, која се одржала од 7 до 9 август. Вкупната вредност на запленетите возила надминала осум милиони фунти.
Меѓу нив имало и автомобили од марки како Lamborghini, Aston Martin, McLaren, BMW, Mercedes и Range Rover, но токму реткиот Ferrari привлекол најголемо внимание.

А потоа следело најнеобичното
Откако автомобилот бил запленет, полицијата морала да го префрли на полициски паркинг.
И тука приказната добила неочекуван пресврт.
Наместо Ferrari Monza SP2 да биде транспортиран со специјално возило, еден лондонски полицаец седнал директно зад неговиот волан.
Со очила за сонце, полицаецот го возел отворениот Ferrari низ улиците на центарот на Лондон, додека зад него одела полициска придружба со вклучени сини светла.

Снимките од необичната сцена брзо се прошириле на социјалните мрежи, а случајните минувачи фотографирале полицаец како управува со автомобил вреден неколку милиони фунти.
На интернет дури се појавија и шеги дека полицајците морале да играат „камен, ножици, хартија“ за да одлучат кој ќе го вози Ferrari-то, но за тоа нема официјална потврда.
Ferrari со 810 коњски сили
Ferrarii Monza SP2 е дел од специјалната Icona серија на италијанскиот производител. Автомобилот има 6,5-литарски атмосферски V12 мотор со 810 коњски сили, а од 0 до 100 километри на час забрзува за помалку од три секунди.
Нема класично ветробранско стакло, а возачот и совозачот се практично целосно изложени на струењето на воздухот.
Овој автомобил најчесто завршува во гаражите на богатите колекционери и исклучително ретко може да се види на јавните патишта.

Овој примерок, пак, во Лондон останал само еден ден.
Неговиот сопственик го возел помалку од половина час – а потоа Ferrari-то продолжило да се движи, но со полицаец зад воланот.














