Високите летни температури се непријатни за патниците, но претставуваат сериозно оптоварување и за автомобилот. Особено кога ќе се спојат долгите патувања, целосно натоварен автомобил, клима-уред кој работи речиси без престан и асфалт загреан на многу високи температури.
Колку жештините можат да влијаат врз сигурноста на автомобилите покажуваат овогодишните податоци на „ADAC“. За време на топлотниот бран во јуни, во германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, бројот на интервенции поради дефекти на автомобили се зголемил за околу 20 проценти.
Акумулаторот е проблем број еден дури и среде лето
Многу возачи акумулаторот првенствено го поврзуваат со зимата и со утрата кога автомобилот на температури под нулата повеќе не сака да запали. Меѓутоа, „ADAC“ наведува дека и во текот на летото токму 12-волтниот акумулатор е одговорен за повеќе од 40 проценти од дефектите поради кои нивната помош излегува на терен. Ова важи и за автомобилите со мотори со внатрешно согорување и за електричните автомобили.
Високата температура ги забрзува хемиските процеси во акумулаторот и може дополнително да го оптовари веќе ослабениот примерок. Затоа, проблемот понекогаш се појавува дури по неколку исклучително жешки денови или откако автомобилот подолго време стоел, иако возачот претходно не забележал никаков симптом.
По акумулаторот следуваат дефектите поврзани со моторот и управувањето со моторот, кои според податоците на „ADAC“ сочинуваат околу една четвртина од интервенциите. Проблемите со ладењето и климатизацијата се одговорни за приближно 13 проценти од случаите.

Системот за ладење тогаш работи на границата
При големи жештини особено е важна состојбата на системот за ладење. Оштетено црево на ладилникот, прениско ниво на течноста за ладење или друг проблем кој при нормални температури можеби сè уште не покажувал сериозни симптоми, при долго возење на жештина може да заврши со прегревање на моторот. „ADAC“ предупредува дека екстремните температури можат да го доведат возилото до границата на оптоварување, а меѓу честите проблеми ги наведува токму дефектите на цревата за ладење и ладилникот.
Затоа, пред подолго летно патување вреди да се провери нивото на течноста за ладење, но само кога моторот е студен. Ако температурата на моторот за време на возењето почне невообичаено да расте или се појави предупредување за прегревање, не е паметно едноставно да продолжите да возите со надеж дека проблемот сам ќе исчезне.
На долго патување под дополнително оптоварување се и моторното масло, сопирачките и самиот мотор, па „ADAC“ пред заминување на одмор препорачува проверка на маслото, течноста за ладење, гумите, акумулаторот, светлата и сопирачките.

Особено внимавајте на притисокот во гумите
Гумите се уште еден дел од автомобилот кој во текот на летото работи во исклучително тешки услови. Проблемот не е само во тоа што асфалтот е жежок, туку во комбинацијата од висока температура, големо оптоварување на автомобилот и пренизок притисок во гумите.
Недоволно напумпаната гума повеќе се деформира за време на возењето, поради што дополнително се загрева. „ADAC“ предупредува дека комбинацијата од пренизок притисок и екстремно загреан коловоз го зголемува ризикот од оштетување на гумата, па притисокот пред подолго патување треба да се провери и да се приспособи на оптоварувањето на возилото според препораките на производителот.
Ова е особено важно пред заминување на одмор, кога во автомобилот одеднаш се превезуваат четири или пет патници, полн багажник, а можеби и дополнителен товар на покривот. Вредностите на притисокот што производителот ги препорачува за целосно натоварен автомобил често се повисоки од оние за вообичаено секојдневно возење.

Клима-уредот кој слабо лади можеби ви испраќа предупредување
Клима-уредот на температури над 30 степени работи речиси без престан, па токму во текот на летото многу возачи првпат забележуваат дека системот повеќе не лади како порано. Причината може да биде недостиг на средство за ладење, проблем со компресорот или друг дефект во системот.
„ADAC“ меѓу дефектите кои почесто се појавуваат за време на жештините ги споменува и проблемите поврзани со климатизацијата, вклучувајќи случаи на блокиран компресор кои можат да доведат и до проблеми со погонскиот ремен.

Големата жештина, всушност, често не предизвикува дефект кај целосно исправен автомобил, туку на површина ја вади слабоста која веќе постоела. Постар акумулатор, систем за ладење кој полека губи течност, гума со пренизок притисок или клима-уред на кој одамна му е потребен сервис најлесно ќе покажат дека нешто не е во ред токму во најтешките услови.
А токму затоа, неколку минути проверка пред долго летно патување се многу поедноставно решение отколку да чекате помош покрај автопат на температура од 35 степени.














