Производителот на електрични возила „Tesla“ во четврток во Тексас ќе го претстави своето автономно возило за превоз на патници, наречено „Cybercab“, во обид да се позиционира како конкурент на компании како „Uber“ и „Waymo“.
Возилото во златна боја првпат беше претставено во октомври 2024 година. Нема педали ниту волан, може да превезува две лица и е специјално дизајнирано за обезбедување такси-услуги без возач.
Извршниот директор на „Tesla“, Илон Маск, во четврток на социјалната мрежа „X“ објави фотографија од „Cybercab“ над главниот град на Тексас, Остин, каде што се наоѓа седиштето на компанијата, додека зад возилото се издигнува облак од прашина.
„Tesla“ кон крајот на август на социјалните мрежи објави и промотивна фотографија со која за настанот во Остин во четврток најави „ексклузивен пристап“ до возилата „Cybercab“.
Компанијата објави малку конкретни детали за самиот настан. Фанови на „Tesla“, кои тврдат дека се меѓу поканетите, наведуваат дека настанот ќе започне во 16:45 часот по локално време, односно во 21:45 часот по Гринич.
„Cybercab“ е целосно автономен и нема ниту волан ниту педали.
Cybercab rides open to public tomorrow 5pm CT
— Tesla Robotaxi (@robotaxi) September 4, 2026
„Tesla“ минатата година во Остин почна да ги користи своите автономни возила, односно „SUV“ моделите „Model Y“, за услугата „Robotaxi“, која постепено се прошири и во неколку други градови во Тексас, Флорида и Калифорнија.
Сепак, законите на сојузните држави бараат во многу од овие возила да биде присутен човечки надзорник или возач кој е подготвен да ја преземе контролата доколку тоа биде потребно.
„Waymo“, компанија за развој на автономни возила во сопственост на „Alphabet“, матичната компанија на „Google“, во моментов ги нуди своите услуги во 11 американски градови.
Tesla has released a new Cybercab tutorial video. pic.twitter.com/9jYchJhSWU
— Sawyer Merritt (@SawyerMerritt) September 4, 2026
Според податоците од базата „FSD Database“, засновани врз информации од Одделот за моторни возила на Тексас, „Tesla“ до средата во оваа сојузна држава регистрирала 314 роботакси возила, меѓу кои и 45 примероци од „Cybercab“.
Итај Михаели, аналитичар во „TD Securities“, за „AFP“ изјави дека очекува „бавно пуштање во употреба“ на „Cybercab“, слично на почетокот на услугата „Robotaxi“. Според него, „Tesla“ веројатно прво ќе ги земе предвид повратните информации од првите корисници, пред дополнително да ја прошири услугата.
Тексас има прописи кои го олеснуваат развојот на автономни возила, поради што стана едно од најпосакуваните подрачја за тестирање на бројни роботакси услуги. Некои од нив веќе работат, како „Waymo“ и „Zoox“, додека други, како „Motional“, сè уште се во фаза на тестирање.

„’Tesla‘ всушност допрва почнува“, изјави Ентони Таунсенд, виш истражувач во „Cornell Tech“, организација од Њујорк која се занимава со истражување на политиките во областа на технологијата.
Според него, допрва треба да се види која компанија во овој сè поконкурентен сектор ќе успее да развие најдобар деловен модел.
„Отсекогаш се ветуваше дека автономното такси ќе биде поевтино од возењето со човечки возач, но не е јасно дали воопшто сме блиску до тоа“, наведе Таунсенд, додавајќи дека сè уште не е познато ниту кога компаниите што развиваат вакви услуги би можеле да почнат да остваруваат профит.













