Многумина го исмејуваа неговиот изглед, а сега „Ferrari“ го распродаде целото годишно производство

Точка

30/07/2026

17:56

286

Големина на фонт

а а а

Една од теориите вели дека сè што ќе произведе и понуди „Ferrari“ ќе биде распродадено во рекордно краток рок. Судејќи според најновите информации, оваа теорија навистина се покажува како точна.

Верувале или не, моделот „Luce“, кој стана предмет на потсмев, бројни мемиња и критики од јавноста и стручната фела, на пазарот бележи одлични резултати. Според пишувањето на „Financial Times“, производителот од Маранело за помалку од два месеца ги распродал сите примероци планирани за испорака во текот на 2026 година. Од „Ferrari“ засега официјално не ги потврдија овие информации, а повеќе детали се очекуваат при претставувањето на полугодишните деловни резултати.

Според извори запознаени со плановите на компанијата, „Ferrari“ за 2026 година планирал да произведе и испорача нешто помалку од 500 примероци од моделот „Luce“. Наводно, оваа цел била остварена во рекордно краток рок, веднаш по светската премиера одржана на 25 мај.


Голем интерес пристигнува од Кина

Една од главните причини за толку силната побарувачка е кинескиот пазар, кој станува сè поважен за производителите на луксузни автомобили и електрични возила. Во Кина веќе е распродадена првата серија од 88 примероци од моделот „Luce“, а според странските медиуми, новите нарачки во оваа земја би можеле да бидат испорачани дури во текот на 2027 година.

Во исто време се појавија гласини дека „Ferrari“ ги поттикнува своите долгогодишни клиенти да го купат електричниот модел, за во иднина да имаат пристап до најексклузивните автомобили на брендот. Компанијата ги отфрли ваквите тврдења и порача дека купувањето на моделот „Luce“ не е услов за нарачка на „Ferrari“ со мотор со внатрешно согорување.


Дизајн што ја подели јавноста

Од својата премиера, „Luce“ предизвика бројни дебати, пред сè поради своите невообичаени пропорции и дизајн, кој ги подели и експертите и обожавателите на „Ferrari“.

За неговиот изглед се заслужни Џони Ајв и Марк Њусон, дизајнери кои светска репутација стекнаа со долгогодишната работа за „Apple“. И покрај критиките, се покажа дека контроверзниот изглед не ги одвратил купувачите.


Првиот примерок оди на хуманитарна аукција

Првиот произведен примерок, познат како „Chassis 0“, наскоро ќе биде понуден на хуманитарна аукција во Монтереј, организирана од аукциската куќа „RM Sotheby’s“. Се проценува дека би можел да достигне цена повисока од 1,1 милион американски долари.

Да потсетиме, „Luce“ е првиот целосно електричен сериски модел на брендот. Го придвижуваат четири електромотори со вкупна моќност од повеќе од 1.000 КС, благодарение на кои забрзува од 0 до 100 km/h за 2,5 секунди, додека максималната брзина надминува 310 km/h.


Енергијата ја добива од батерија со капацитет од 122 kWh и 880-волтна архитектура, која поддржува брзо полнење со моќност до 350 kW, а декларираниот досег изнесува повеќе од 530 километри.

Инаку, редовната почетна цена на „Ferrari Luce“ изнесува 550.000 евра, што го вбројува меѓу најскапите сериски електрични автомобили во светот.