[ВИДЕО/ФОТО] „Mercedes“ целосно го промени „GLA“: Компактниот SUV изгледа полуксузно од кога било досега

Точка

30/07/2026

12:51

390

Големина на фонт

а а а

„Mercedes“ ја претстави новата генерација на моделот „GLA“. Пристигнуваат хибридни и електрични верзии со автономија до 657 километри.

„Mercedes-Benz“ официјално ја претстави новата генерација на моделот „GLA“, која носи значајни промени во дизајнот, технологијата и погонските системи.

Компактниот SUV доби препознатлива нова маска на ладилникот со опционално осветлување (како што веќе видовме кај новата „C-Class“), „LED“ светла со мотив на трикраката ѕвезда, скриени рачки на вратите и модернизиран заден дел.

Новиот „GLA“ е поголем во однос на својот претходник – долг е 4.565 mm, широк 1.873 mm, висок 1.604 mm, додека меѓуоскиното растојание е зголемено за 61 mm (на 2.790 mm), што обезбедува повеќе простор во кабината и багажникот.

Багажникот има основен капацитет од 410 литри, кој може значително да се зголеми со преклопување на задните седишта.

Кај електричните верзии е достапен и преден багажник („frunk“) со капацитет од 107 литри.

Дигитален кокпит

Внатрешноста ги презема решенијата од новиот модел „CLA“.

Стандардно се вградуваат 10,25-инчна дигитална инструмент-табла и 14-инчен мултимедијален екран, додека опционално е достапен „MBUX Superscreen“ со дополнителен екран за совозачот, кој овозможува пристап до апликации како „YouTube“ и „Disney+“.

На листата на опрема се наоѓаат и панорамскиот „Sky Control“ покрив со променлива проѕирност, како и „Burmester“ 3D аудиосистем со 16 звучници.


Три електрични верзии

Понудата започнува со „GLA 200 Electric“, кој располага со електромотор од 224 коњски сили, батерија од 58 kWh и автономија до 447 километри според „WLTP“ стандардот.

Следува „GLA 250+ Electric“, кој развива 272 коњски сили, користи батерија од 85 kWh и може да помине до 657 километри со едно полнење.

Брзото полнење овозможува дополнување на енергија за околу 270 километри возење за само десет минути.

На самиот врв на понудата се наоѓа „GLA 350 4MATIC Electric“, со два електромотори, погон на сите четири тркала и вкупна моќност од 354 коњски сили.

Од 0 до 100 km/h забрзува за 5,4 секунди, додека автономијата достигнува до 643 километри.


Хибридната верзија пристигнува следната година

„Mercedes“ потврди дека во текот на следната година ќе пристигнат и хибридните верзии со 1,5-литарски турбо бензински мотор, електромотор од 30 коњски сили и осумстепен автоматски менувач со двојна спојка.

Се очекуваат изведби со 193 КС и 220 КС.

Новиот „GLA“ ќе биде достапен и со системот „MB. Drive Assist“, кој овозможува напредно полуавтономно возење од ниво 2.

Продажбата започнува подоцна оваа година, кога ќе бидат познати и цените.